Вчера беше јавно публикувано дека еден од добитниците на овогодишната награда на Стопаснката комора на Северна Македонија за остварување на приоритетите на Комората во наредниот период, што значи и зголемување на извозот и воспостувавување на целосна компатибилност на образованието и бизнисот, е проф. д-р Кочо Анѓушев.
Професорот, бизнисмен, општественик, пред се човек, го запознав во мојата прва посета како претседател на Комората, во еден од погоните на Брако каде се модернизираше линијата за жичани производи.
Анѓушев не беше непознат во бизнис-круговите затоа што претходно работеше на висока оперативна функција во ЕСМ. Меѓутоа, од тој момент до денес тој е синоним за офанзивност, работливост, имплементирање на нови технологии, професионализам.
Тој период од 2005 до 2010 година, беше период на негова силна афирмација во приватниот бизнис. Токму затоа некако природно дојде предлогот тој да застане на чело на Македонската енергетска асоцијација – најсилната организациона единица во Комората. Слободно можам да кажам дека неговиот волонтерски ангажман во Комората е пример за успешно ангажирање и поттикнување на активности од интерес на компаниите.
Во исто време, тој е еден од творците на новиот економски модел на Комората, што како комплексна платформа ја изнесе во јавноста во 2015 година. Во тој модел нискиот раст на бруго-домашниот производ требаше во наредните пет години да доведе до раст од 5%, со што и компаниите и граѓаните би осетиле напредок на планот на подигнување на нивото на животен стандард.
Во 2017 година, Анѓушев беше избран за заменик-претседател на Владата задолжен за економските ресори. Иако нашите искуства беа негативни, Комората и Кочо го прифатија предизвикот и со сиот ризик се обидоа да го реализираат она што го зацртаа во 2015 година. За жал, таквата шанса не можеше да биде искористена покрај целокупниот ангажман кој го вложи и Анѓушев и Комората. Партизираните структури го имаа веќе заземено просторот и за него се бореа до крај.
И гледај каква парадигма: Наместо реализација на програма за забрзан економски развој, добивме популистички подметнувања и јавни жигосувања кои не престануваат до денес. Се разбира, најсилниот удар одеше до најекспонираната личност на Комората, а во тој момент тоа беше господинот Анѓушев. Не сакам тука да употребувам флоскули од типот „Ние се залагаме за транспарентност, владеење на правото и имплементација на начелата на пазарната економија“. Ќе кажам само дека господинот Анѓушев и во Владата беше најголемиот работник, зашто неговата девиза е едноставна и лесна за паметење: „Бизнисот е како велосипед, ако не ги вртиш педалите, тој паѓа.“
Вистината е следна: Ние бевме, сме и уште долго време ќе бидеме малцинство во напредните ставови и економски политики кои бараат вистинско лидерство, бескомпромисност и ризик. Ние од тие принципи нема да се откажеме се додека тие не ја повлечат државата напред. Меѓутоа , има едно прашање кое цело време кружи над нас: Колку „Кочовци“ има Македонија за на ваков начин да се пресметува со нив? Јас тврдам дека се многу малку. Македонија мора да води сметка за своите кадри. Да прави нешто за нивното мултиплицирање, зашто бизнисот кој е и основа на државата може да се развива само со такви кадри. Професорот и бизнисмен не е паднат од небо, туку граден кадар на престижните универзитети во Германија, Велика Британија, кај нас. Тој не дојде на позициите од Водно, туку од Велес. Тој го помина трнливиот пат на секој успешен Македонец и така треба да продолжи. Дали човек во текот на еден таков интензивен развој може да направи грешки? Сигурно. Но, тие грешки тој ќе ги анализира сам и е доволно мудар да извлече поука.
Нашата институција која во петок одбележува 101 година од своето постоење е тука да работи во интерес на своите членки, на своите менаџери, на своите сопственици, на своите работници. Ако некој не знае, треба да му е совршено јасно дека Коморите се претставници на фирмите како целина. За нас, секој сегмент од нив има свое значење.
Јас сум убеден дека менаџерите се вистинските лидери кои ги отвораат патиштата за развој и сум убеден дека г-дин Кочо Анѓушев е таков лидер и со поддршка на целата прогресивна јавност ќе создава уште многу нови бизниси, ќе отвора нови работни места, беспрекорно ќе ги извршува своите обврски и кон државата и кон работниците, неговото искуство ќе помогне и за државата да се извлече од ситуацијата во која се наоѓа.
Се на се, анатомијата на односите помеѓу него и Комората ќе продолжат како и досега. Наградата ќе претставува поттик за неговите уште поголеми бизнис-ангажмани, а проблемите со кои се соочува целокупниот негов бизнис, како што оттаму констатираат дека се непринципиелно нападнати во моментов, ќе бидат надминати.
Како и секогаш, една порака до него – Оди до крај, Комората ги поддржува таквите бизнисмени.
Друга порака до медиумите – Да знаат дека општоприфатлив принцип во целиот свет е дека неоснованите напади можат финансиски да влијаат врз компаниската репутација. Кој ќе ги плати тие штети?
И порака до нашите членки – да бидат единствени, сплотени и меѓусебно да си помагаат!
Претседател
Бранко Азески