Штип од петок до недела ќе биде домаќин на Балканското првенство во одбојка на песок во машка и женска конкуренција.
На турнирот ќе настапат балканските машки и женски репрезентации во одбојка на песок до 22 години.
Балканијадата, како што е соопштено, е во заедничка организација на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) и Општина Штип.
Централниот одбојкарски настан следува на крајот на летото кога од 28 август до 16 септември на програмата е Европското машко сениорско првенство кое заеднички ќе го организираат Македонија, Бугарија, Италија и Израел.