Во чест да ги прослави медалите на специјалните олимпијци, денеска НЛБ Банка организираше заедничко дружење со тимот на Специјална олимпијада-Македонија кој од неодамна одржаните Светски специјални олимписки игри во Берлин се врати со пет освоени медали, потврдувајќи дека кога се има силна воља и посветеност не постојат граници.
“За нас, секој еден член, претставник од нашата Специјална олимпијада – Македонија е победник. Заедно покажавме како со посветеност, вложен труд и многу работа резултатите се загарантирани. Освоивме пет медали, но уште поважно – ги освоивме срцата на присутните во Берлин, а верувам и во Македонија. Навистина се гордееме со сите наши атлети, партнери, помагатели и директни учесници на Специјалната олимпијада во Берлин. Честитки и до тренерите кои беа во секој миг до нашите атлети, поддржувајќи ги неуморно. Но, ниту еден успех не е лесен и секогаш е потешко да се направи нешто сам, а полесно е кога се има поддршка, некој кој безусловно верува во тебе и кој несебично те поддржува. Огромна благодарност до НЛБ Банка, без нивната безрезервна поддршка годинава немаше да ни се случи Светската Специјална Олимпијада. Тие години наназад стојат зад нас, потврдувајќи ја својата општествена одговорност, посветеноста кон инклузивно општество и еднакви можности за сите“ – изјави Моника Бошкоска, Претседател на Специјална олимпијада – Македонија.
Спортот може да има трансформативно влијание врз сите поединци, а компаниите со својата поддршка можат да бидат инспирација за градење значајни општествени вредности. Она што ја издвојува НЛБ е токму вклученоста на Банката во иницијативи што промовираат вредности, беше истакнато на настанот.
„Среќни сме за нашите олимпијци кои успеаа годинава да го дадат максимумот за време на натпреварувањата во Берлин и со петте освоени медали ја докажаа силната посветеност и мотив да се надминат бариерите и да се прошират спортските капацитети и вештини. Тие покажаа дека можат да се носат рамо до рамо со најголемите светски спортски сили и да ја позиционираат својата земја на мапата на светската спортска сцена. Нè направивте горди и ја претставивте Македонија во најдобро можно светло. Ви благодариме за ентузијазмот и успесите! Ја делиме со вас страста за спортот, кој за нас претставува универзален јазик кој ги надминува културните, јазичните и физичките бариери. Вие навистина сте наша инспирација.“ – изјави Бранко Грегановиќ, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка и додаде дека е вистинска чест и привилегија да се биде поддржувач на организација со ваква благородна мисија.
Инаку годинава, на Светските специјални олимписки игри македонската делегација ја преставуваа 13 атлети. Од настапите во пет дисциплини: кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг македонските репрезентативци освоија вкупно пет медали – еден златен, два сребрени и два бронзени медали.