– Средновековното богато културно наследство од Пелагонискиот, Мариовскиот регион и од Поречието годинава ќе биде систематизирано и ќе биде издадена публикација за домашната и странска јавност. Со тоа, Институтот за старословенска култура од Прилеп ќе го заокружи тригодишен проект „Средновековните населби во Пелагонија, Мариово и Поречието“.
Бројни цркви, манастири, средновековни населби од овие територии се дел од научните истражувања во повеќе области – археологијата, историјата на уметност, етнологијата, историјата, лингвистиката.
-Досега се направени значајни истражувања во сите области. Согледани се материјалите од музејските збирки, повторно се документираат со современи технологии. Последниов период се направени истружувања од областа на историјата на уметноста, значењето на средновековните цркви и манастири, во рамките на тој сложен хабитус кој егзистира во средниот век на овие територии. Сега се работи на систематизацијата на добиените резултати и на нивна подготовка за публикување. Со овие научни истражувања, всушност, уште еднаш се покажува значењето на бројните средновековни населби кои егзистирале на овие територии. Покажуваат дека станува збор за еден автоктон систем на вредности, културни манифестации кои се уште од антиката и нивната рефлексија е до ден-денеска и може да ги препознаеме и во современата култура, вели Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура.
Во Институтот се подготвуваат за есенските, нови инстражувања на античката населба Колобаиса околу манастирот Трескавец. Таму со години се истражува и ќе биде подготвен основен проект за конзервација.
-Предвидено е да се заокружат сите сознанија добиени од претходните археолошки кампањи. Овие истражувања се, всушност, предуслов за следната фаза на третирањето на просторот. Наредната година ќе се прави основен конзерваторски проект за населбата Колобаиса која е истражувана во минатиот период и ќе се вградат сознанијата добиени од годинашнава археолошка кампања, објаснува Василески.
Инситутот за старословенска култура од Прилеп, единствен од ваков вид во земјава, сатопанисува со комплексот Маркови Кули кој во 2006 година е прогласен за природна реткост и е на привремената листа на УНЕСКО.