– Холандскиот премиер Марк Руте денеска го посети кралот и му ја врачи оставката на неговата четирипартиска коалиција, што ќе значи дека поделената Холандија ќе оди кон општи избори оваа година, јавија светските агенции.
Кралот Вилем-Александар се врати од семеен одмор во Грција за да се сретне со Руте.
Проблемот со ограничувањето на миграцијата, кој со години ги загрижува земјите во Европа, беше последниот камен на сопнување што синоќа ја собори Владата на Руте.
„Ние сме партијата што може да обезбеди мнозинство за значително да го ограничи протокот на баратели на азил“, рече Герт Вилдерс, лидер на антиимигрантската Партија на слободата, која ја поддржа првата малцинска коалиција на Руте пред 13 години.
Левичарските опозициски партии, исто така, сакаат избори за решавањето на проблемите со кои, според нив, Руте не успеал да се справи соодветно, како што се климатските промени, недостигот на станови и иднината на земјоделскиот сектор во земјата.
Водачот на Социјалистичката партија, Лилиан Марејнисен изјави за холандската телевизија Eн-О-Ес дека падот на Владата на Руте е „добра вест за Холандија.
„Мислам дека сите почувствуваа дека овој кабинет е завршен. Тие создадоа повеќе проблеми отколку што решија“, истакна таа.
И покрај несогласувањата меѓу четирите партии во Владата на Руте, таа ќе остане на власт како привремен кабинет додека не се формира нова коалиција, но нема да донесе нови важни закони.
Руте со месеци преговараше за пакет мерки за намалување на приливот на нови мигранти кои пристигнуваат во земјата со речиси 18 милиони жители.