– Министерот за транспорт и градежништво, Горан Весиќ, денеска соопшти дека им наредил на железничките компании да извршат проценка на штетите поради блокадите на протестите Србија против насилството и да ја испратат во вид на обештетување до официјалните организатори на блокадите, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој на новата социјална мрежа Тредс објави дека поради најава за железничка блокада синоќа од 18:00 до 20:30 часот, по барање на МВР на Србија, пругите превентивно се затворени за сообраќај на возовите на делниците Црвен Крст – Ќеле Кула и Ниш – Ќеле Кула.
Како што додаде, пругите превентивно се затворени поради безбедноста на оние кои решиле да ја блокираат меѓународната пруга и дека организаторите треба да ја платат штетата што ја нанеле на железницата.
-Оние кои дојдоа до идеја да поканат други луѓе да ја блокираат меѓународната пруга, пред се ги загрозија животите на луѓето кои се најдоа пругата која беше под електричен напон. Фала му на Бога што се спасија животи со запирање на сообраќајот, изјави Весиќ.
Тој пред една недела оцени дека блокадата на автопатот за време на деветиот протестот „Србија против насилството“ нанела штета на српскиот буџет од повеќе од четири милиони евра.
-Со тие пари може да се изградат две градинки. А штетата што ја предизвикуваат транспортерите кои мораат да ги заобиколуваат патиштата, трошат повеќе гориво, ги оптоваруваат локалните патишта, странците кои се плашат да возат низ Србија за да не стојат со часови во редици, тешко се пресметуваат, а се мери во десетици милиони евра, изјави Весиќ.
Протестите „Србија против насилството“ вчера се одржаа во Ниш, Чачак, Зајечар, Врање, Јагодина, а денеска во Белград ќе се одржи десеттиот граѓански протест „Србија против насилството“.