Конструктивната сила на социјалната кохезија преовладува над деструктивното влијание на фрагментацијата и раздорот. Таа е одговорот на сите комплексни предизвици со коишто се соочува човештвото.
Ова е една од главните поенти од обраќањето на Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи на денешниот настан по повод 30 години од основањето на Високиот комесаријат за национални малцинства на ОБСЕ што се одржува во Виена, соопшти МНР.
Османи повтори дека, како и во останатите области од функционирање на ОБСЕ, воената агресија на Русија врз Украина, создава длабоки рани и врз социјалната кохезија и предизвикува штета врз соработката и безбедноста, што се темели на Организацијата.
-Регионот на ОБСЕ има долга историја и култура на почитување на правата на националните малцинства и мирен соживот меѓу различните заедници. Мојата земја, Северна Македонија, го чува и негува нашиот уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, со цврста социјална кохезија помеѓу нејзините различни заедници“, рече Османи, потсетувајќи на заложбите на поранешниот Висок комесар за национални малцинства, Макс ван дер Штул во градењето на овие вредности во Северна Македонија.
Токму ваквото искуство, рече Османи, но и Претседавањето со ОБСЕ, ни претставува мотивација да продолжиме да ја истакнуваме нивната важност и да нудиме решенија и одговори.
-Правата на малцинствата се составен дел за постигнување стабилност, демократија и просперитет во регионот на ОБСЕ. Како што покажа историјата, занемарувањето на овие права може да доведе до социјална фрагментација, дискриминација, па дури и конфликт. Затоа е од суштинско значење за ОБСЕ да продолжи да се залага за правата на малцинствата и да негува средина на толеранција, инклузивност и разбирање, потенцираше Османи.