Српскиот претседател Александар Вучиќ учествуваше на трилатералниот Самит во Виена, заедно со австрискиот канцелар Карл Нехамер и унгарскиот премиер Виктор Орбан. На прес-конференцијата беше објавено дека Србија, Унгарија и Австрија ја штитат Европа од притисокот на миграцијата, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ изјави дека е важно што трилатералниот меморандум е потпишан меѓу трите земји и дека прашањето за миграцијата ќе се држи под контрола и во најдобар интерес на нашите земји и на цела Европа.
– Научив многу од канцеларот Нехамер и премиерот Орбан за односите во светот и како тие ја гледаат иднината на Европа и светот и верувам дека заедно ќе најдеме начин во годините што следат да ги промениме трендовите кои велат дека реалниот економски раст се сели надвор од Европа. Наша работа е да се обидеме да го зачуваме европскиот напредок и за пет, шест и десет години, рече Вучиќ.
Тој рече и дека ги презентирал ставовите на Белград за ситуацијата на Косово, но дека поради различните ставови на домаќините и гостите кон ова прашање, не зборувал повеќе на оваа тема.
Орбан изјави дека ја штити Европа од притисокот на миграцијата.
– Без Србија и Унгарија, Австрија, Германија, Холандија и другите земји би биле преплавени со стотици илјади мигранти, кажа Орбан.
Тој нагласи дека Унгарија не се согласува со одлуката на Европска Унија за квоти за прием на мигранти.
– Тоа би можело да биде олеснување за Италија, но ќе ја влоши ситуацијата во Австрија и другите земји. Имаме ефективен унгарски систем, што е подобар од неефикасниот европски систем и мора да се избориме тие да ги прифатат нашите ставови, бидејќи кај нас ситуацијата е тешка, рече Орбан.
Нехамер истакна дека мора да разбереме дека системот на ЕУ има недостатоци и дека механизмите на Унијата не се доволни, туку дека е неопходно да се соработува.
– Знаеме дека соработката со Бугарија е исто така многу важна. Воспоставивме пилот проекти во Бугарија и во Романија, кои се покажаа дека имаат одредени ефекти. Хуманитарната цел зад сите наши акции е да се стави крај на смртните случаи и умирање во Средоземното Море. Затоа сакаме да ги подобриме процедурите за добивање азил и да ја намалиме илегалната миграција, рече Нехамер.
Во Виена се одржува трилатерален Самит, како и средби на министрите за внатрешни и надворешни работи на Србија, Австрија и Унгарија.