Набавка на нови авиони, хеликоптери и дополнителни средства за противпожарната служба во следните години, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на посетата на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита и средбата со надлежниот министер Василис Кикиљас во пресрет на периодот на пожари во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и Кикиљас разговарале за среднорочниот план за инвестициите во цивилната заштита за целосно да се искористат европските средства, но и за зајакнување на противпожарната служба.
– Во следните години ќе набавиме нови авиони, нови хеликоптери, многу нови средства за противпожарната служба. И ова е неопходна инвестиција што мораме да ја направиме, бидејќи наша прва грижа секогаш е заштитата на човечкиот живот, човечкиот имот, но секако и на природната средина, истакна Мицотакис.
Тој додаде дека сепак, дотогаш ќе се спроведува „методичен план за сезоната на пожар со повеќе воздушни средства и со повеќе превентивни акции“ и истакна дека веќе постои подобра координација.
Мицотакис посочи дека следните два месеца ќе бидат тешки од аспект на пожарите, а се осврна и на бројот 112 за итни случаи преку кој до граѓаните се испраќаат пораки доколку е потребно да ги напуштат нивните домови во случај во близина да има пожар.
– Веќе имаме култура на евакуации, што е големо достигнување за земјата. Да го повториме она што се подразбира: дека кога се испраќа порака „112“ тоа е секогаш за доброто на граѓаните, а наша прва грижа е нивната заштита, па така граѓаните мора да ги почитуваат упатствата на Министерството и Цивилната заштита, порача Мицотакис.
Во изминатите години речиси секое лето Грција се соочува со големи шумски пожари.