Како што појаснува Општината, наместо „ѕид“ без прекин на северната страна од пет споени објекти, кој предвидуваше висина од 19 метри и должина од вкупно 151 метар, во новиот план вцртан е разбиен „ѕид“ на два дела од 56 и 68 метри со простор меѓу нив, каде секој дел е составен од по три споени објекти.
-Стариот план предвидувал и „ѕид“ без прекин на јужната и источната страна, со висина од 42 метри и должина 206 метри кој бил оформен од еден објект и кој фрлал сенка на целата населба. Во новиот план целосно е ослободена јужната страна во делот каде големиот комплекс се доближуваше најмногу до другите објекти и од каде фрлаше најмногу сенка врз населбата, а развиената површина на објектот е намалена од 57 456 квадратни метри на 33 724 квадратни метри. Севкупно, развиената површина на објектите за домување во ДУП-от Крњево 2 е намалена од 144 931 квадратни метри на 93 640 квадратни метри, односно за 35 проценти, наведува Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека при изработката на овој план се земени предвид сите параметри и е водено сметка да се донесе што е можно подобро решение кое нема да биде на штета на жителите на општината.

-Подобрени се урбанистичките решенија и за разлика од стариот план, во овој зголемено е растојанието помеѓу објектите, со што се добива поголемо проветрување на просторот и поголема осветленост. Наместо еден, воведовме два влеза и излеза во населбата, а Крњево ќе добие и нова пешачка улица, изјави Герасимовски.
Земени се предвид и растојанијата меѓу објектите кои во стариот план се високи 19 метри и се доближуваат на пет или седум метри меѓу себе. Во новиот план, како што наведува, нема станбени објекти кои со лицето се доближуваат на помалку од 12 метри и тоа е во два случаја, а останатите се со растојание од 16, 20 метри итн.
-Со поголемата оддалеченост на објектите и разбиените блокови се создава простор кој е подобро проветрен, има повеќе светлина и е побезбеден за граѓаните. Подобрени се и сообраќајните решенија, кои во стариот ДУП предвидувале слеп сообраќен крак од 220 метри, вцртан спротивно на правилата, со еден влез/излез во населбата и планот не предвидувал пешачки улици. Во новиот план нема подолг слеп крак на улица од 100 метри, населбата има два влеза/излеза, еден кон булеварот „Гоце Делчев“ и другиот кон улица „Беласица“, а вцртана е и една режимска пешачка улица, веднаш покрај покрај булеварот „Крушевска Република“, информира Општина Центар.