Земјоделците ќе можат да се консултираат со стручни лица во областа на земјоделството и руралниот развој за сите текови во својата работа, предвидува новиот Закон за советодавен систем во земјоделството и руралниот развој усвоен од Влада.
Како што соопштуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со ова законско решение се создава можност за професионализација на советодавните услуги и се воспоставува систем преку кој на земјоделците ќе им се доближат искуствата и знаењето за најновите практики и технологии во производството, кои што директно треба да влијаат на создавање одржливо и конкурентно производство, по европски терк.
-Законот за советодавни услуги во земјоделството и руралниот развој има цел да создаде ефективен и структуриран систем за обезбедување на квалитетни совети и информации на нашите земјоделци, велат од Министерството и нагласуваат дека посебна и важна цел на ова предлог законско решение е структурално и организационо подобрување на постоечкиот советодавен концепт во Република Северна Македонија.
Со ова решение, Министерството ќе воспостави Регистар на даватели на советодавни услуги кој ќе биде јавно достапен за сите земјоделски стопанства за да им се олесни пристапот до советник со специфична стручност за одредена област, во зависност од типот на производство.
-Законот дава основа за формирање на Системот за знаење и иновации во земјоделството, познат како АКИС, кој во моментов е главна стратешка област за развој во Европската Унија и го следиме чекорот во воспоставувањето на овој систем кој слободно можам да кажам дека ќе го имаме први во регионот, наведуваат од Министерството за земјоделство.
Тие нагласуваат дека функционирањето на Советодавниот систем во земјоделството и руралниот развој ќе биде надгледуван и помаган од Советот за мониторинг и координација, кој ќе биде составен од експертска група составена од членови номинирани од над 20 институции и организации кои се идентификувани како клучен дел од Системот.
На законското решение, наведуваат од МЗШВ, се работело транспарентно и инклузивно во изминативе две години, од експертска група формирана од министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, со помош од Европската Унија преку проектот за модернизација на советодавните услуги во земјоделството. За негова подготовка одржани се и низа јавни презентации пред земјоделците, земјоделските организации во соработка со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Предлог законот, кој помина на Влада, треба да биде усвојен и во законодавниот дом.