Собранието денеска работи по неколку точки од дневниот ред на четири пленарни седници (103,111, 115 и 117) за кои гласањето ќе биде дополнително.
Исцрпена е расправата за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за вода и здравје на Конвенцијата од 1992 година за заштита и користење на прекуграничните водотеци и меѓународни езера – второ и трето читање.
Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека грижата за водите е високо во политиките на Европа. Смета дека сите водотеци и поголеми езера во земјава „се на удар од деградација и еколошки катастрофи“ и дека треба, како што рече, силно да реагираме за заштита на Охридското Езеро бидејќи од страна на Албанија има „сериозен еколошки удар“ поради „немилосрдни градежни активности, што влијаат на екосистемот“.
Во врска со Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната во прво читање, Трајанов рече дека „прилично доцниме со тоа што се случува во Европа“ каде веќе има нови директиви за подобар квалитет на храната.
-Иако правиме усогласување со европската легислатива, Европа има нови регулативи кои не се ставени во законот и тој ќе треба повторно да се отвори, а граѓаните повторно ќе немаат храна по европски стандарди, рече Трајанов.
Укажа на „скандали“ со увоз на сомнителна храна со која, рече, се преплавени маркетите и дека се мали казните за луѓето кои сакаат да го изиграат законот и да профитираат преку безбедност на храна. Како пример посочи дека глоба од 100 до 300 евра е предвидена за ставање во промет неквалитетна храна од животинско потекло.
На дневен ред беше и Предлог на закон за дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија во прво читање за кој, исто така, ќе се гласа дополнително.
Пратеникот Здравко Трајанов рече дека со предлогот се прави усогласување со законодавство со ЕУ и ќе важи откако ќе станеме членка на Унијата, а во меѓувреме ќе важат постојните закони. Со законот се регулира фирми кои се регистрирани во други држави да може да вршат промет со саден материјал и семе во државава.
Клучна улога, рече, ќе има фитосанитарната служба која со правилна работа ќе треба да го заштити пазарот во земјава од увоз на садници со лош квалитет и со кои има ризик да влезат болести и штетници што ќе го загрозат нашето земјоделство. Според него, потребен е регистар на фирми што се занимаваат со оваа дејност и граѓаните да знаат од кој трговец ќе може да набават квалитетен саден материјал и семе.
Исцрпена е општата расправа и дополнително ќе се залага за Предлог-закон за ратификација на Договорот за правниот статус на мисиите и претставниците на трети држави при Организацијата на Северноатлантскиот договор, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка и Предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, по скратена постапка.