Во текот на следните денови писателот Жарко Кујунџиски ќе престојува во Италија, каде што ќе учествува на две јавни презентации на италијанското издание на романот „Америка“.
Првиот настан, како што информираат од издавачката куќа „Антолог“, е денеска во градот Мола ди Бари во просториите на книжарницата Libreria Culture Club Cafè. Настанот е со почетокот од 19.15, а освен авторот, за книгата ќе говори и преведувачката на италијански јазик Маријанџела Бјанкофиоре. Потоа, разговорот со нив ќе го води Џулија Барбаненте, а извадоци од книгата ќе чита актерката Ангела Јуриљи.
Во текот на следниот ден, во Полињано а Маре, Кујунџиски ќе учествува на 22-то издание на еден од најзначајните книжевни фестивали во регионот Пуља – Il Libro Possibile. Фестивалот „Ил либре посибиле“ се одвива 8 дена на различни локации во градовите Полињано а Маре и Виесте. Него го посетуваат голем број на читатели, а меѓу странските гости годинава е и познатиот шпански писател Фернандо Арабуру, автор на романот „Татковина“.
Фестивалот се одржува од 2002 година на иницијатива на културното здружение „Артес“. Врз основа на тоа, оваа година, романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски го доживеа својот превод на италијански јазик и книгата излезе од печат во издание на „Антолог“ и во Италија за светскиот пазар во издание на издавачката куќа „Besa Muci“.
Преводот на италијански јазик е објавен со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“