Јасмина Чанева Лазовска повеќе од 20 години на различни нивоа и во различни функции е поврзана со модната индустрија. Неодамна нејзината компанија VM3D ја најави првата домашна обука за „Дизајн на облека во 3Д“ (http://fashion-freelancer.mk/ ), која во себе вклучува и дел за успешен фриленсинг што на сите посетители ќе им овозможи да изградат фриленсерска карира во делот на модниот дизајн. Токму тоа беше и поводот да поразговараме со неа и да дознаеме малку повеќе за обуката чиј старт е предвиден за 5 октомври.
1.Кажете ни нешто повеќе за Вас и вашите почетоци со дизајн на облека во 3D?
Моите почетоци се поврзани со фамилијарната традиција да се работи со текстил, она што јас го имам во моите сеќавања е за работата на дедо ми кој беше шивач, татко текстилен инжинер, мајка дизајнер на детска и женска облека, а моето работно искуство започнува во нашата семејна компанија МК Вера Монд 1997 год. Јас живеев и растев со текстил и дизајн, а сум дипломиран економист.
Како и најголем број на текстилни компании, МК Вера Монд е дел од масовната текстилна индустрија и т.н. ЛОН произвоство за европски пазар, каде креативноста е сведена на минимум, а трудот е валоризиран на ниско ниво. Влегов во тој магичен круг во кој постојано бркате краткорочни рокови и цели – и така трчајки во круг поминаа 20 години кога сфатив дека ваквиот начин на работа е безизлезен, иднина не постои. Во еден момент се најдов во темен тунел од кој морав да најдам излез.
Во 2020 година УНДП во својот проект “Skills4Future” дадоа акцент на проблемите кој постојат во текстилната индустија и градежништвото. Во рамките на овој проект говорот на Џошуа Јанг (меѓународен експерт за дигитална трансформација во модната индустрија) беше светлата точка која го осветли тунелот, а со откривањето на 3Д дизајнот се отвори голема врата кон иднината.
Коцките се редеа една по друга: не јас не сум дизајнер, не работам 3Д, но имам прекрасен тим во кој несебично инвестирам секој ден, живеам за нивниот успех и правам сé овој успех да биде и успех на Макединија.
Верувам дека споделената среќа е поголема среќа и споделеното знаење и вештини носи добродет на сите нас.
Во името на семејната традиција си должам на себе си, на своето семејство и на идните генерации да иницирам трансформација на текстилната индустрија.
2.Како дојдовте на идеја да ја организирате оваа обука? Кои се главните придобивки за сите што ќе ја посетат?
Во 2020 година се вратив во компнијата со големата идеја за 3Д која ја живеам со полни гради од моментот кога ја замислив и во рамки на постоечката фирма основавме посебен сектор VM3D – 3D Fashion Design. Во рамките на овој сектор работиме развој на моден производ од скица до валидација на прототип и припрема на производен налог. За да комуницираме со нашите клиенти потребна ни е интернет врска, компјутер и софтвер за работа.
Обуката која ние ќе ја спроведуваме е обука која е креирана од провајдерот на софтверот со кој работиме – ТГ3Д. Истата е преведена на македонски и верификувана во МОН како програма за образование на возрасни.
Имајќи го во предвид горекажното дека основни ресурси се интернет врската, софтверот и компјутерот, сфатив дека пазарот е надвор, а моќта за освојување на пазар е во вештините и знаењто. Оваа комбинација на индикатори укажува на фактот дека ова е идеално за лица кои сакаат да работат во мода како фриленсери. Учесниците на оваа обука ќе се стекнат со основни вештини за користење на алатки во 3Д софтвер, основни знаења за отпочнување на фриленсерска кариера и можност да го освојат светот.
3.Кажете ни малку повеќе детали за самата динамика на обуката?
Обуката Fashion Freelancer започнува на 5 октомври 2022 година, а во својот фокус има за цел изучување на основните софтверски алатки за 3Д моден дизајн и поставување на профил и портфолио за градење на кариера како фриленсер. Цената на обуката за прво ниво е субвенционирана и изнесува 250 евра, а програмата е поддржана од Reconomy. Oбуката е комбинирана т.е. групно следење на онлајн предавања еднаш неделно и индивидуална работа со ментор на проектни задачи. Да се биде FREElancer значи максимална слобода и самоорганизирање, па ние би сакале ова да го доловиме и преку самата обука – да им пружиме колку што е поголема слобода и флексибилност на кандидатите.
4.Обуката во себе вклучува и дел за успешен фриленсинг. Зошто е тоа важно?
„Најдобрата бизнис идеја на светот е безвредна доколку никој не знае за неа” – истото важи и за фриленсерството. Најпрво мора да поседувате вештини и знаење, а потоа правилно да се презентирате за да успеете. Да се биде фриленсер значи да се работи локално, а да се заработува глобално. Пазарот нема ограничувања на светско ниво, а ние во обуката го имаме еден од најдобрите македонски филенсери Блаже Спирески кој на кандидатите ќе им помогне да изградат успешна фриленс кариера, како да ги добијат првите проекти, да работат со врвни клиенти, правилно да ја постават својата цена т.е. плата, како да се справуваат со предизвиците и воопшто да тргнат по правилниот фриленсерски пат.
5.Кои се вашите совети за сите млади и креативни лица што сакаат да се вклучат во модната индустрија?
Процесите на дигитализација ја претворија модната индустрија во нешто повеќе од креирање, производство и тргување со облека.
Модната индустрија е една од најголемите индустрии во светот, која со создавањето на метаверзумот целосно се прилагодува на потребите на новите генерации и новиот начин на живеење.
Метаверзумот е нов свет каде секој е добредојден. Вируелен простор во кој не постојат ограничувања за секој млад креативец.
Ние сме овде за да подадеме шанса, да овозможиме оваа информација да допре до сите креативци во Македонија – заедно да растеме и да го освоиме светот! Секоја приказна има свој почеток, а Вие започнете на www.fashion-freelancer.mk, каде што ќе најдете одговор на Вашите прашања поврзани со оваа тема, а ако не најдете – контактирајте нé директно, па ние ќе се обидеме да ги одговориме.