Готов е проектот на деталниот структурен план за изградба на граничниот премин „Струмјани – Берово“, соопштија од Подрачната управа – Благоевград. Од таму додаваат дека проектот бил презентиран на состанок на Регионалниот стручен совет за територијално планирање – Благоевград, на чело со регионалниот управител Стојан Христов.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Документот е изработен како дел од активностите во рамките на проектот „Подготвителни активности за изградба/рехабилитација на нов граничен премин Струмјани – Берово“, финансиран од Програмата за прекугранична соработка INTERREG-IPP Бугарија – Македонија 2014 – 2020 година.
Изработениот проект фирмата изведувач го презентираше пред раководството на Подрачната управа на Благоевград, како и претставници на Царинската агенција, Регионалната дирекција за земјоделство, Регионалната дирекција за заштита од пожари и заштита на населението, Југозападното државно претпријатие и на Општина Струмјани.
Проектот е изработен согласно претходно дадените мислења од сите надлежни институции, посочуваат од подрачната управа и додаваат дека локацијата предвидена за изградба се простира на површина од околу 11.000 метри квадратни. Теренот е наклонет и со надморска височина од околу 1.290 метри, што подразбира изградба на потпорни ѕидови во текот на градежниот процес.
На денешната средба беа презентирани и парцеларни планови на елементите на инженерската инфраструктура со кои се обезбедува водоснабдување, снабдување со електрична енергија и оптичко поврзување на пунктот. Како дел од подготвителните активности, изработен е инвестициски проект во фазата „Концептуален проект“, кој ќе даде основа за изработка на стратешкиот проект за изградба на граничен премин Струмјани – Берово. Со тоа подготвителните активности беа завршени во предвидениот рок за нивна реализација, додаваат од Подрачната управа – Благоевград. Претстои изработените проекти да бидат испратени на одобрување до сите институции со надлежности за гранична контрола, пред да бидат претставени на разгледување и конечно прифаќање од Меѓуресорскиот совет за прашања на гранични премини.
Договорот за почеток на подготвителните активности за изградба на новиот граничен премин меѓу Бугарија и Република Македонија беше потпишан на почетокот на септември 2022 година. Со ова започна стратешкиот проект за изградба/рехабилитација на Струмјани – Берово“ кој ќе се финансира во рамките на Програмата Interreg VI-A IPP Бугарија-Македонија 2021-2027 година. Финансирањето на подготвителните активности е обезбедено според приоритетната оска 4 „Техничка помош“ на програмата Interreg-IPP за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Македонија 2014-2020 година и е наменета за изработка на техничка документација, изработка на детален структурен план, анализи и други, за да се обезбеди проектирање и изградба на граничниот премин.
Главни приоритети во изградбата на новиот пункт се потребата од зајакнување на регионалната поврзаност, олеснување на зголемениот сообраќај на луѓе и стоки меѓу двете земји и отклучување на економскиот потенцијал во пограничниот регион, соопшти Регионалната управа – Благоевград на почетокот на подготвителните активности. Поминувањето преку пунктот ќе заштеди растојание и време и ќе има корисни ефекти врз животната средина со намалување на концентрацијата на штетните емисии.
Средствата за подготвителните активности се во износ од 20.000 евра, посочија тогаш од подрачната управа.