Битиќи: Не знам од каде се излезени 14-те отсто, разговорите со синдикатите продолжуваат

bitiki
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е оптимист дека ќе се најде решение за методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Тој денеска уште еднаш повтори дека решението мора да биде системско и одржливо, не само во корист на вработените во јавниот сектор, туку и во полза на граѓаните кои добиваат јавни услуги. Потврди и дека разговорите со синдикалците ќе продолжат во среда.

Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Нехо Исни“- ДООЕЛ Скопје, Битиќи истакна дека за него е нејасно од каде се излезени 14-те проценти кои синдикатите бараат да бидат основен параметар за зголемувањето на платите. Барањето, пак, платите на избраните и именуваните лица да се вратат на ниво како пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за работниците, така и за функционерите, како што информира, денеска е прв пат ставено на маса.


-Не знам од каде се излезени 14-те проценти. На Економско-социјалниот совет денеска, во помал состав, без работодавачите, зборувавме за методологијата за платите во јавниот сектор која се обидувавме да ја усогласиме. Методологија базира на просечната плата помножена со коефициент, со период на прилагодување за да дојдеме до тој модел. Секако, во среда продолжуваат разговорите во формат на работни групи и кое било решение што сметаме дека е системско и одржливо за да ја зголеми ефикасноста, продуктивноста и ефективноста на јавниот сектор, а тоа се задоволни граѓани од услугите од јавниот сектор, ќе го поддржиме. Сметам дека дискусијата за платите на функционерите, 1060 наспроти 136 000, не е работа на дискусија. Секако, решението што ќе го дадеме ќе биде аплицирано за сите, а што е тоа, ќе можеме да го кажеме кога ќе го постигнеме преку дијалог. Преку дијалог ќе дискутираме, прв пат денеска беше даден на маса таков предлог. Треба да видиме што значи тоа вистински. Има институции кои немаат синдикати и треба сеопфатно да се дискутира дали и каков модел би требало да аплицираме, нагласи Битиќи.

Според него, синдикалците не бараат решение со аплицирање една методологија, туку велат „за помалку платените работни места да биде поголемо зголемувањето, за повеќе платените да биде помало“.

-Моделот денеска што го претставивме – споредбено, септември оваа година со септември лани, зголемувањето е далеку над процентот на инфлација што го имавме минатата година и затоа е тоа работа на дискусија. Ќе се разговара во среда, во четврток, во петок, за да се најде решение. Мислам дека ќе се најде решение, најдобро во овој момент за сите во јавниот сектор, но и за сите во државата, подвлече вицепремиерот Битиќи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK