Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправаше за Предлог законот за правдата за децата, чиј предлагач е Министерството за правда. Главниот заклучок од расправата е дека донесувањето на овој закон отвора можност за понатамошно унапредување на системот согласно меѓународните стандарди, пред се Конвенцијата за права на децата како и европската регулатива.
Говорниците на расправата го поздравија процесот на ревидирање на Кривичниот законик, Законот за матична евиденција и Законот за извршување на санкции и тие промени треба да се усвојат без одлагање, со дел да се подобри пристапот до правда и остварување на право на децата, кога таквите права се повредуваат, се ускратуваат или кога децата ќе дојдат во судир или во допир со законот.
Исто така, потребни се континуирани инвестиции за понатамошно зајакнување на институционалните и техничките капацитети. Потребно е обезбедување на специјализација на професионалците кои работат во системот за правда за деца, унапредување на капацитетите за следење на состојбата за деца во правосудниот систем.
Потребни се суштински реформи за да се обезбеди дека притворот и воспитно поправните установи се гледаат како последно средство.
Викторија Аврамовска Мадиќ заменик министер за правда, во своето обраќање на расправата посочи дека предложените одредби на овој Закон се засновани на европските стандарди за правата на детето и препораките за унапредување на системот за правда на децата изработени од УНИЦЕФ.
Надоградувањето на правната рамка за правата за децата со цел доследно почитување на принципот на најдобар интерес на детето беше интегриран во дел од Стратегијата за реформа на правосудниот систем за 2017-2022 година. Ја реафирмираме приоритетната заложба на Министерството за правда за натамошно целосно и фактичко остварување на најдобриот интерес на детето преку правда по мерка на децата, како основно начело на Конвенцијата за правата на детето, посочи Аврамовска Мандиќ.
Како што потенцираше, основна цел на предложениот Закон е надоградување на одредбата со која се дефинира начело на најдобар интерес на детето, пренесување на директиви на ЕУ за процедурална заштита на децата кои се осомничени или обвинети во кривична постапка и директива за утврдување минимални стандарди за правда, поддршка и заштита на жртвите на криминал, зајакнување на заштита на децата жртви и сведоци во кривична постапка кои ќе придонесат за спречување на виктимизација на децата, уредување на процедурални одредби во однос на текот на судска постапка спрема детето и зајакнување на механизација за превенција на детско престапништво.
Како што рече, предложениот текст на овој закон во најкраток рок ќе биде доставен до Владата заради утврдување, а потоа и во Собранието.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир, правната рамка за заштита на децата направи значаен прогрес изминативе години. Тој додаде дека Предлог законот вклучува воспоставуавање на фонд за компензација на деца жртви, но и ја зајакнува превенцијата на детско престапништво.
-Децата и младите се најголемиот човечки капитал во секое општество. Тие се нашата иднина. Последниот извештај за земјата се забележува дека правните, институционалните и политички мерки имаат за цел да ги заштитат правата на децата и тие се во согласност со меѓународните стандарди и ЕУ закони, рече Гир во своето обраќање на расправата.
Тој потенцираше дека овој Нацрт Закон е добредојден и е чекор во вистинската насока меѓутоа, посочи, сепак постојат отворени прашања кон целосна реализација на правата на децата.
Според Гир, постои недостиг на стратешки документи за правата на децата и треба да се воспостави функционално тело кое ќе ја надгледува имплементација на законот. Исто така, појасни, младите треба почесто да бидат советувани во однос на носењето на вакви закони.
-Северна Македонија сега е во една многу значајна фаза во интеграцијата на ЕУ. Денес треба да има уште поголем фокус кон усвојувањето и имплементацијата на реформите, за да може општеството да стане поодговорно кон потребите на граѓаните и да се овозможи правото на заштита на сите, вклучително и децата, рече Гир.
Акадамик Владо Камбоски за време на расправата посочи дека по усвојувањето на овој закон треба добро да се разгледаат законите од овие области, како што е законот за образование, законот за семејство, но и да се увиди потребата за воведување на сериозни педагошки служби што ќе внимаваат на децата во училиштето.
Гордана Силјановска Давкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пристапот на овој Предлог закон е повеќе создаден по мерка на децата од претходните закони и е воден од најдобриот интерес на детето.
-Суштината е во членот 2 од Законот, каде што се вели дека целта на законот е приоритетен интерес и заштита на децата секогаш, и кога е во лошо, кога ќе западнат во криминал или насилство, меѓутоа и кога ќе бидат жртви на криминал со што се ограничуваат нивните слобода и права, заштита на нивниот развој но и заштита на деца сторители на кривични дејства и прекршиоци заради нивна социјализација, воспитување, помош, и грижа во постапката пред судот, новите институции го овомозжуваат тоа, рече таа.
Пратеничката Снежана Калеска Ванчева го поздрави донесувањето на законот и истакна дека истиот е одлично подготвен.