Премиерот на Албанија, Еди Рама, во врска со случувањата на северот на Косово и недоразбирањата со косовскиот премиер Албин Курти, изјавил дека Курти е пријател кој го цени и почитува и оти „битката што ја води со него не е ниту лична ниту политичка, туку концептуална”.
-Сакам да повторам, ова е концептуална битка. Ова не е ниту лична ниту политичка битка меѓу мене и Албин. Тој е личност која ја ценам, тој е пријател кој го почитувам, но во овој случај тој е премиер на Косово кого не можам да го разберам. Ова е целосно отворена, целосно искрена, целосно демократска конфронтација за многу голем интерес и тоа не е само интерес на државата Косово. Ова е интерес на албанската нација, рекол Рама.
И претходно Рама изјави дека не може да го разбере Курти во ситуацијата создадена со Косово во однос на меѓународната заедница, порачувајќи му дека „не победуваш со тоа што се однесуваш како Дон Кихот“.
Рама уште додал дека Курти му е пријател, но оти поранешниот косовски претседател Хашим Тачи му е брат.
-Албин Курти е мој пријател, Хашим Тачи ми е брат, за да бидеме многу јасни, рекол Рама, јави Еуроњуз Албанија.