Спасени биле две лица од возило паднато во река во Прилеп, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи. Лицата се пренесени во прилепската болница, каде на едно му се констатирани тешки телесни повредени, но не е во животна опасност, а на другото лесни повреди и е пуштено на домашно лекување.
– Во 13:11 часот на Единствениот број за итни ситуации 112 во ЦУК, добиена е информација дека патничко моторно возило марка „голф“ влетало во реката кај мост „Кочо Рацин“ во Прилеп. Од Регионалниот ЦУК Битола контактирале со ТППЕ Прилеп и добиле известување дека имаат екипа на лице место, како и од прилепската Итна медицинска помош и дека во возилото имало две лица кои се извлечени. На терен, согласно ситуацијата, била излезена и полициска екипа од Полициската станица Прилеп, се наведува во соопштението на ЦУК.
Од МВР Прилеп информирале дека ангажираните екипи од Системот за управување со кризи сѐ уште се на терен и е повикана „шлеп“ служба за извлекување на возилото.