– Новиот парламентарен состав во Грција што произлезе од изборите минатата недела, утре ќе положи свечена заклетва, во вторник ќе биде избран претседателот на Парламентот, а во текот на следниот викенд ќе се гласа доверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.
На изборите на 25 јуни, место во Парламентот обезбедија осум партии кои го преминаа неопходниот изборен праг од три отсто, а од нив три влегуваат за првпат.
Парламентот во Грција го сочинуваат 300 пратенички места, распределени согласно изборниот резултат, а победникот доби и дополнителен бонус со што Нова демократија има 158 пратеници и потребното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеничко место.
СИРИЗА обезбеди 48 пратеници, ПАСОК доби 32 пратенички места, Комунистичка партија 20, Спартанци и Грчко решение по 12 пратеници, Победа десет, а Курс на слободата осум пратеници.
Првпат во Парламентот влегуваат три нови партии: Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА, Зои Константопулу, десничарска Победа од Солун и радикално десничарската Спартанци, поддржана од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис.
Претходниот парламентарен состав од изборите во 2019 година го сочинуваа шест партии, од кои сега, само МЕРА25 на поранешниот министер од Владата на СИРИЗА Јанис Варуфакис, не успеа повторно да обезбеди пратенички места.
Грција веќе доби Влада, по втор пат предводена од лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис.
Министрите во вторникот положија свечена заклетва, ги презедоа функциите, а во средата беше одржана и првата владина седница.
На крајот на следнава недела, веројатно од четврток до сабота ќе се одржи тридневната расправа во Парламентот за гласање доверба на Владата.