„Живееме во општество во кое што системот гледаме како комплетно ни се распаѓа пред нас, нефункционални институции, немотивирани луѓе кои што се дел од тие институции, многу криминал, многу корупција, декаденција, понижување, предавства. Нешто кое што ние како луѓе, како граѓани, во овој 21 век не го заслужуваме.
И тоа е резултат само поради една работа, а, тоа е затоа што денеска имаме политичари кои што не се резултат на изборот на народот, туку се политичари таму затоа што некој ги поставил. И секогаш кога вие ќе бидете поставени наместо да бидете избрани, вие не чувствувате одговорност, не чувствувате одговорност кон народот кому требате да служите. Бидејќи политичарот денеска во Македонија треба да биде модерен патриот и да му служи на народот кој што го бира, а не на тие кои што го поставуваат.
И тоа е суштинската разлика помеѓу нас и помеѓу денешните политичари кои што уште неколку месеци ќе бидат Влада во Македонија. тоа е многу важно. Тоа е суштински важно затоа што ако не сме подготвени да ја правиме таа разлика, тогаш многу тешко ќе ни биде да ја градиме иднината. Многу тешко ќе ни биде да ја градиме иднината“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Ѓорче Петров.
Тој рече дека кога говори за современиот патриотизам, зборува за политичари кои што кога ќе ја добијат довербата од народот, од граѓаните ќе работат напорно, ќе работат посветено, ќе бидат храбри, но она што е најважно ќе бидат чесни и достојни за тоа што ги избрал народот.
„И затоа е многу важно тие луѓе кои што ќе ја добијат честа од народот да бидат чесни, и достојни, на тоа што народот им дал доверба. Затоа што само на тој начин вие можете да покажете дека не се сите исти. Само на тој начин можете да направите разлика од овие во Владата, и тие кои што денеска се наши поддржувачи и се денеска со нас овде во Ѓорче Петров и нѐ слушаат што зборуваме и какви пораки испраќаме.
Не смееме таа доверба на народот да ја изневериме и јас сум посебно горд што речиси изминаа две години безмалку уште 4 месеци ќе бидат тие две години што цела една генерација која што ја доби довербата да бидат градоначалници, претседавачи, директори на локално ниво не ја изневерија досега таа доверба. Работат посветено, чесно, храбро, се борат овде во Македонија, испорачуваат проекти и покрај тоа што под секојдневен притисок од страна на оваа ненародна Влада која што не е избрана од народот туку поставена.
Се кратат дотации, нема систематизации, не се дозволува да се екипираат тимовите, нема проекти во тие општини во кои што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата имаат свои градоначалници, свои претседавачи на Совети, директори на ЈП. Но, тоа што го прават е огромна разлика во споредба со тоа што се случува на дневна основа со Владата. Jас сум навистина среќен што можам да кажам дека тоа ќе преставува пример и во иднина како ВМРО-ДПМНЕ, оваа генерација во ВМРО-ДПМНЕ планира да ја крене повторно Македонија на нозе и да ја постави онаму каде што и е местото, а тоа се победничките патеки“, појасни Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека оваа генерација на луѓе во Македонија, овде денеска покажува дека има надеж. И дека и покрај тоа што имаат ограничени ресурси тие се подготвени да се борат, храбро да работат, чесно посветено само за интересот на граѓаните и за интересот на нивната татковина Македонија.