Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, Игор Неделковски, деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, Никола Дујовски, проректорите, професорите и претставници од Амбасадата на САД и Мисијата на ОБСЕ, денеска го посетија Кампот за обука на МВР во Лазарополе каде што студенти од Факултетот за бесбедност – Скопје, реализираат практична настава – логорување.
Притоа, министерот Спасовски, деканот Дујовски и ректорот Неделковски имаа обраќање пред студентите, а од страна на студентите беше реализирана показна вежба, соопшти МВР.
– Изминативе години Факултетот за безбедност покажа едно ново повисоко ниво на европски пристап кон студентите во проучување на приликите во безбедноста, криминалистиката и криминологијата. Особено внимание се посветува и на клиничката и практичната настава, токму обуката за логорување која се спроведува секоја година заедно со Одделот за специјални полициските операции во рамки на Бирото за јавна безбедност при МВР, има особен интерес кај студентите и на своевиден начин претставува белег на самото студирање, рече министерот Спасовски.
Тој се осврна на значењето на практичната настава за студентите и за МВР.
– За нас како раководство на Министерството, секако и за присутните гости од Амбасадата на САД и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ова претставува одлична можност одблиску да ги проследиме практичните активности на студентите кои опфаќаат сценарија за начини, формации и тактики на движење при совладување на отворен и пошумен простор, тактики на движење во затворени објекти, заседа и блокада, гаѓање со вежбовен школски пиштол и вежбовна автоматска пушка – AIRSOFT опрема, истакна Спасовски.
Тој додаде во Лазарополе ќе разговараат за плановите на МВР за интегрирање на произведениот кадар од Факултетот за безбедност.
– Токму пред три месеци започнавме со Отворени денови на МВР за студенти, ученици и граѓани со цел запознавање со процесите каде се креира и реализира безбедноста на граѓаните и државата. Тогаш, пред деканот и студентите на Факултетот за безбедност ја презентирав идејата за креирање на правна рамна за соработка помеѓу министерството и Факултетот со која МВР ќе преземе обврска секоја година да бидат вработени одредена бројка на најдобрите дипломирани студенти со цел зголемување на капацитетот на МВР. Во оваа прилика, ве информирам дека во МВР веќе е отпочната постапката за вработување на најдобрите студенти од Факултетот за безбедност со кои во текот на утрешниот ден ќе имам работен состанок, рече Спасовски.
Ректорот Игор Неделковски го поздрави одржувањето на кампот и истакна дека соработката на Факултетот за безбедност и на целиот Универзитет, како и со државните органи, пред се со МВР, е од клучно значење.
– Овој камп кој се реализира во наредната недела е пример за добра пракса на практична обука, нешто што постојано се повторува дека недостасува во високото образование. Се надевам со стекнатите вештини по дипломирањето ќе бидете осбособени за работа во МВР или други безбедносни институции, рече Неделковски.
Соработката меѓу МВР и Факултетот за безбедност ја поздрави и деканот Никола Дујовски.
-Денеска сме заедно со најблиските пријатели, министерот Спасовски и тимот, со кои работиме на унапредување на безбедноста во државата, да ги посетиме студентите од Факултетот за безбедност, кои се всушност 13-та генерација која посетува обука за логорување. Драги студенти, да ги носите спомените цел живот и да ги учите практичните аспекти на професијата полициски службеник. Во оваа прилика упатувам благодарност до Единицата за обука и поддршма и Одделот за специјални полициски операции. Секако благодарност до министерот Спасовски за поддршката – би истакнал дека кога министерот Спасовски дојде на чело на МВР, до тогаш имаше 500 невработени дипломирани, бидејќи до тогаш не беа приоритет за инститцуиите. Денеска невработени дипломирани се помалку од 100 благодарние на соработката со МВР и континуираните конкурси, рече Дујовски.
Тој во свое и во име на студентите и вработените на Факултетот за безбедност – Скопје, додели благодарници на министерот Оливер Спасовски и директорот на БЈБ д-р Сашо Тасевски, за долгогодишна соработка и поддршка за успешна реализација на акивноста логорување.
На кампот во Лазрополе министерот Спасовски, заедно со присутните гости и студентите од Факултетот за безбедност денска се дружеа на студентски логорски кафе и ручек, каде од страна на офицерот за безбедност при Амбасадата на САД, Мајкл Кернс, како и од шефот на оддел при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Јурај Смолек, беше изразено задоволство од долгогодишното партнерство и соработка со МВР, а особено беше истакната благодарност за соработката од страна на министерот Спасовски, се наведува во соопштението од МВР.