Европската комисија уште еднаш ја предупреди Црна Гора поради непочитување на визната политика на ЕУ. Ваквото предупредување овој пат дојде во нон пејпер за владеењето на правото во Црна Гора, наведува РТЦГ. Во документот на Европската комисија, кој ги опфаќа настаните од јуни 2022 година до март 2023 година, се посочува дека во тој период имало голем број застои кои не се целосно решени.
„Црногорската визна политика не е целосно усогласена со визната политика на ЕУ“, се вели во документот на Европската комисија.
Во текот на летната сезона, Црна Гора повторно ги ослободи граѓаните на Кралството Саудиска Арабија од потребата за добивање виза и покрај минатогодишната порака од Европската комисија дека таквата политика не е во согласност со европските стандарди.
Европската комисија во последниот извештај за Црна Гора, есента 2022 година, нагласи дека визната политика на Црна Гора сè уште не е целосно усогласена со списокот на ЕУ на земји чии граѓани имаат потреба од виза за ЕУ.
„Напротив, во 2021 година и на почетокот на 2022 година, Црна Гора уште повеќе отстапи од препорачаното усогласување. Во мај 2022 година, Владата одобри привремено ослободување од визи за граѓаните на Саудиска Арабија, кое важи од јуни до септември, со цел е да се компензира падот на туристите кои доаѓаат од Русија и Украина. Вкупно, граѓаните на 13 земји – Ерменија, Казахстан, Русија, Азербејџан, Белорусија, Кина, Куба, Еквадор, Кувајт, Турција, Катар, Косово и Саудиска Арабија – се ослободени од барањата за виза за краткорочен престој, било на сезонски основа или трајно. Мерките за сезонско ослободување од визи не се во согласност со правната регулатива на ЕУ, а овие земји се на европскиот список на држави на чии граѓани им е потребна виза за ЕУ“, велат од Европската комисија.
Дополнително, се предупредува дека странците кои имаат дозвола за престој во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) можат да влезат во Црна Гора без виза и да останат во земјата до десет дена.
„Црногорските власти открија неколку случаи на злоупотреба на овој визен режим. Црна Гора треба да обезбеди зголемена хармонизација на својата визна политика со листата на ЕУ за трети земји на кои им е потребна виза“, посочија од Европската комисија, пренесува РТЦГ.