Промоција на волонтерство и активно граѓанство е целта на настанот „Волонтирај“, што се одржа денеска во Градски парк на „Школка“. Настанот беше исполнет со различни активности: игри, работилница за заштита на животната средина, инфо штанд за запознавање со волонтерството како и музичка програма.
Се одржува во рамки на проектот Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата, поддржан од Европската Унија, а го реализираат Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со СОС Детско село Македонија, Волонтерски центар Скопје и здружението „Женски форум“ – Тетово.
Андреј Наумовски, проектен менаџер во Волонтерски центар Скопје, истакна дека направиле промоција на четирите големи универзитети во државава, „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Гоце Делчев“ во Штип, „Св. Климент Охридски“ во Битола како и на Државниот универзитет во Тетово. Покрај денешниот во Скопје, реализирале три отворени денови и во Тетово, Струга и во Штип.
-Главна цел е промоција на волонтерството, кое сметам дека е еден од основните начини за да станеме активни граѓани, да придонесеме за подобро утре, за наша подобра заедница, изјави Наумовски.
Тој се надева дека со настанот ќе го поттикнат волонтерството и во државава и пошироко.
-Имаме волонтери и од странство и се надевам дека тоа ќе биде добар пример зошто да волонтираме, рече Николовски и додаде дека со настанот имаат цел да докажат дека волонтерството е многу забавно и корисно и дава многу придобивки, како за индивидуалниот развој, така и за подобрување на заедницата.
Волонтерски центар Скопје веќе 17 години работи како невладина организација на локално, регионално, национално и на меѓународно ниво со промоција на волонтерството како една од главните мисии.