АКН ги презентираше резултатите од проектот „Соработка за дигитална демократија“

digitalna-demokratija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) на Република Северна Македонија денеска на завршен семинар ги сумираше резултатите од четиригодишниот проект „Соработка за дигитална демократија“ (2019-2023) спроведен во соработка со шведскиот Катастар (Лантматериет) и финансиран од Шведската меѓународна развојна агенција (Swedish International Development Agency – SIDA) со донација од 2,5 милиони евра.

Целта на проектот беше да придонесе и да влијае во зајакнувањето на капацитетите во АКН со развиени деловни практики, со овозможена размена на висококвалитетни и ажурирани дигитални податоци, а преку нови и подобрени услуги во зајакната демократија, како придонес кон непречена ЕУ-интеграција и подобрени услови за живот на македонските граѓани.


Проектот се имплементираше преку пет проектни компоненти: Геодетска инфраструктура; ИКТ-секторот во АКН; Национална инфраструктура на просторни податоци и Скен-центар (Скенирани и дигитализирани архивски документи) и Адресен регистар.

Амбасадорка на Шведска, Ами Ларсон Јаин, во обраќањето рече дека Шведска со гордост поддржува голем број проекти во Северна Македонија за да и помогне на земјава на патот кон Европската Унија. истакна дека се работи за важен проект со многу практични придобивки за граѓаните.

Зборувајќи за придобивките од новиот проект како најзначајни ги наведе собирањето адресни податоци – сите адреси во земјата се внесени во дигитален регистар кој им е на располагање на сите граѓани.

-Тоа значи дека Брза помош може побрзо да ве пронајде кога ви е потребно, квалитетот на поштенските услуги ќе се подобри, онлајн-продавници може да испорачуваат производи на вистинската адреса и ќе може точно да се пресмета колку ќе ги чини транспортот. Ова е можност за општините за да ги зголемат приходите од даноци со соодветно оданочување на имоти, со адекватно евалуирање на вредноста на земјиштето, владата може соодветно да оданочува и да се погрижи дека граѓаните даваат соодветен приноси во јавните услуги и инфраструктура, рече амбасадорката.

Во проектот има и други, конкретни остварувања, поврзани со просторните податоци –означување инфраструктура, како што се мостови, патишта и брани може да го овозможи планирањето на парцелите, може да се следат подземните води и ризиците од нив. Може да се намали ризикот од грешки, при градежни проекти да не се сечат водоводни цевки и кабли на електродистрибутивната мрежа што заштедува и време.

-Сега е суштински важно општините да ги потврдат и да ги држат податоците во регистарот, зашто само со ажуриран регистар на адреси може да имаат придобивки сите граѓани на Македонија, додаде Јаин.

Генералниот директор на АКН, Борис Тунџев, рече дека завршувањето на проектот „Соработка за дигитална демократија“ е успешна приказна и дека ова не е крај на поддршката од Шведска која почнала уште во 2005 година.

-Голем дел од институционалните реформи што АКН ги спроведува ги должи на помошта од пријателска Шведска. Безрезервна поддршка добивме за воспоставување на Електронскиот катастарски систем (е-Кат), МАКПОС-системот, изготвувањето повеќе студии, како онаа за воспоставување комбинирана геодетска мрежа, а преку проектот Импулс, студијата за избор на нова државна картографска проекција и студијата за имплементација на нови службени геодетски референтни системи. Нашите пријатели од самите почетоци помагаат во воспоставувањето на информатичко-технолошкиот сектор и подигањето на свеста за националнаата инфраструктура на просторни податоци. Со сево ова, ние ги подобривме сервисите, работните процеси и перфромансите на АКН за директен бенефит на институциите и граѓаните на нашата држава, истакна Тунџев.

Најголеми остварувања, рече, има во големата операција за прибирање теренски податоци за Графички регистар на улици и куќни броеви кој е основа за формирање на Адресниот регистар во нашата држава.

-Сега кога ги имаме прибрано теренските податоци од цела држава, од сите предвидени градови и населени места, нашите амбиции растат и сме подготвени да одговориме на овој предизвик докрај. Затоа што Адресниот регистар е неопходен за државата и затоа што тој е еден од стратешките приоритети на Агенцијата за Владата која оваа задачи и ја довери на АКН. Горд сум што достојно одговоривме на предизвикот. Има уште долга и макотрпна работа до крајниот резултат – преку валидација на податоците од страна на општините, па се до ставање во функција на конечниот Адресен регистар, податоците од теренското прибирање се јавно достапни на увид и користење преку сервис на веб-страницата на АКН, додаде Тунџев.

Микаел Лилје од шведскиот Катастар рече дека соработуваат на проекти во неколку земји и сите се финансирани од владата на Шведска, а Балканот, како што рече, со години им бил од особено значење за поддршка.

-Овој проект ја поддржа АКН и Македонија, а во исто време беше важен и за нашиот развој, затоа што знаењето и искуството што ги добивме тука, ги користиме во секојдневната работа во Шведска. Иако проектот се реализираше во пандемијата, беше вложен напор за резултати кои се одржливи, додаде Лилје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK