Општина Зрновци денеска беше домаќин на манифестацијата „Јуфкијада 2023“, што ја организираше Националната федерација на фармери, во соработка со локалното Здружение за рурален развој „Јавор“, чија главна цел е промоција на богатото кулинарско наследство на македонските рурални области, но и да служи како платформа за застапување за правата на жените во земјоделството.
На настанот што годинава се одржа по десетти пат, учествуваа стотина жени од рурални средини, а беше потпишано барање до македонското Собраниене да не се кочи реализацијата на Програмата за социјално осигурување за поддршка на регистрираните индивидуални земјоделки за 2023 година и да не се носат избрзани решенија и законски измени.
-Ние, жените од руралните средини, ја истакнуваме важноста на Програмата за социјално осигурување за поддршка на жените во земјоделството за 2023 година. Оваа програма е одлично решение кое им овозможува на фармерките да добијат паричен надомест за време на мајчинството во период од 9 месеци. Голем успех за жените фармери, кои навистина ја заслужуваат оваа поддршка, затоа што ќе имаат право на надомест во случај да бидат спречени да вршат земјоделска дејност поради породување. Ова витално право, кое беше реализирано за прв пат, се однесува на проблем кој опстојува повеќе од три децении. Националната федерација на фармери, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, неуморно работеше на изнаоѓање соодветно решение, што резултираше со спроведување на Програмата за обезбедување социјална сигурност на жените во земјоделството, во текот на 2023 година, истакна Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.
Националната федерација на фармери, заедно со координативната група и поддржана од шведската развојна организација We Effect, ќе продолжи да работи кон трансформирање на пилот-програмата во сеопфатно решение.
-Општина Зрновци отсекогаш поддржувала и ќе подржува настани кои ги промовираат старите традиционални вредности и улогата на руралната жена во севкупниот рурален развој. Преку овие традиции се проследуваат вредностите и идентитетот на една заедница, што го чини богато и разнообразно културното наследство. Руралната жена, преку своето активност во зачувувањето на старите традиции, го запазува и засилува социјалното ткиво на селските заедници, истакна Борчо Коцев, градоначалник на општина Зрновци. На „Јуфкијада 2023“ беше подготвена вкусна домашна храна, а имаше и меѓусебно дружење и славење на македонското кулинарско наследство.
Настанот е организиран во рамките на проектот „Организациски развој на Нaционалната федерација на фармери и подобрени пазарни врски за малите земјоделци и производители од руралните области со цел зголемување на нивните приходи“, поддржан од шведската развојна организација We Effect.
Проектот има за цел да ги подобри пазарните врски за малите земјоделци, давајќи им можност да ги зголемат своите приходи и да придонесат за одржлив рурален развој.