Општина Илинден интензивно работи на обновување и поставување нова урбана опрема во неколку населени места, со цел разубавување на просторот и создавање квалитетни услови за одмор и рекреација на сите жители.
Во рамки на овие активности, како што информираат од Општина Илинден, изградени се симболични скали со заштитна ограда, кои водат од локалниот пат во населеното место Бучинци до црквата Света Троица. Овие скали се изградени во соработка со црковниот одбор, а во нивна близина направено е одморалиште со клупа и корпа за отпадоци. Исто така, населеното место Мршевци на фудбалското игралиште поставени се две нови кабини за играчите, заменета е заштитната ограда со нова околу игралиштето, додека, пак, во населеното место Марино покрај пешачко-велосипедската патека поставени се две нови фонтани за пиење вода, со цел разладување на минувачите и рекретивците во топлите летни месеци, а во близина на новиот кружен тек на ул.8 и ул.9 поставена е нова автобуска постојка.
Општина Илинден најави дека во наредниот период ќе продолжи со уредување на просторот, како и засадување на зеленило во сите населени места од реонот.