Во Прилеп денеска почнува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Семинарот е во рамките на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ и е своевидна најава за 49-тото издание кое ќе се одржува на 30 јуни и на 1 јули во Прилеп и на Рудина, Долнени.
На семинарот учествуваат 10-тина млади, ученици од средното музичко-балетско училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје кои ќе се стекнат со теоретска и практична настава. Ќе ги изучуваат изворното пеење и народните инструменти од еминентните предавачи: професор д-р Родна Величковска и д-р Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, професор д-р Горанчо Ангелов од музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и м-р Горан Василески. Со знаењата стекнати на семинарот ќе се претставатна првата фестивалска вечер, на отворањето на Фестивалот на 30 јуни на камената бина на плоштадот “Александрија“ во Прилеп. Учесниците ќе работат во студентско-ученичкиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп.
-Семинарот се одржува 13-ти пат и е вистинска лулка за изучувањето на народните инструменти. Ако порано имаше стагнација, сега се зголемува интересот кај младите да ги изучуваат традиционалните инструменти, да го изучуваат богатиот изворен мелос. Целта на Фестивалот е да се изучува, а со тоа да се зачувува и негува изворниот мелос, вели Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
На Фестивалот, на 30 јуни во Прилеп и на 1 јули на Рудина, Долнени ќе учествуваат околу 300 изведувачи на народни инструменти и песни од сите краишта на Македонија, а се најавени и гости од Србија.