Здружението на граѓани за помош и поддршка на лицата со Даунов синдом „Вера“ од Струмица, во партнерство со Општина Струмица, денеска отвори Клуб за деца и младинци со Дауонов синдром и нивните семејства, „Деца на сонцето“.
Клубот е сместен во Повеќенаменскиот социјален центар, каде децата со помош на стручни лица ќе имаат воннаставни активности четири часа од понеделник до петок, додека семејствата ќе добиваат поддршка како нивните деца да се социјализираат и живеат самостојно.
-Денеска една дамнешна желба станува реалност, а децата со Даунов синдорм стануваат свои на своето во една просторија која за нив многу значи. Нашето семејство 16 години живее со пријателот Даун и ние сме гласни кога се работи за нашите деца. Даваме пример дека ниту се заразни, ниту се болни и треба со наша помош, со сечија помош од општеството, да си го добијат своето место.Да бидат образовани, социјални еднакви за да можат да бидат самостојни и да живеат, рече Анче Туфекчиева, претседател на Здружението „Вера“ и родител на дете со Даунов синдром.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека Клубот е плод е на една активна и плодна соработка со „Вера“.
-Целта на овој пилот проект, кој трае една година, е да им овозможиме подобри услови на децата и младинците со Даунов синдром и секако на нивните семејства. Тоа што денеска се случува е потврда дека Струмица ја зајакнува соработката со граѓанските организации. Тоа е потврда дека Струмица е грижлив град, град во кој што има место за сите, рече Костадинов.
Тој изрази надеж дека по завршувањето на проектот ќе се одобрат средства за понатамошно функционирање на Клубот и најави дека тој ќе најде соодветно место во програмите на буџетот на Општина Струмица.