Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ Скопје смета дека најавените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не треба да бидат усвоени и ги повикува Владата и Министерството за информатичко општество и администрација да го преиспитаат предлогот.
Прашуваат дали Владата со предложените измени „повторно сака да се умилкува кон телевизиите воочи можната предизборна кампања“, со цел, како што велат, да не добие нов тивок бојкот од петте национални радиодифузери. Ги повикуваат сите засегнати страни да седнат на заедничка маса и да се започне процес на донесување на целосно нов Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој ќе биде целосно усогласен со европските директиви и регулативи, но и ќе биде компромис на сите засегнати страни.
-Новите предложени измени и дополнувања не се нови, истите тие барањата се веќе видени од страна на Асоцијацијата на петте национални терестријални телевизии, како и фактот дека исти такви беа предложени во Собранието преку група пратеници лани во ноември, но без делот со обврските за телекомуникациските оператори. Вакви обиди да се измени Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги имаше и за време на вонредната состојба поради корона кризата, преку владините уредби со законска сила, но тие мораа да се укинуваат или нивното дејство беше „замрзнато“ од страна на Уставниот суд, велат од ИНРЕКОМ.
За Институтот, додаваат, не е спорен делот кој определува телекомуникациските оператори задолжително да ги реемитуваат македонските канали, токму спротивното, ја поздравува идејата и воедно предлага да се дополни односно прошири со задолжително реемитување и на сите останати национални и регионални телевизиски канали, без разлика на нивниот начин на емитување, а не само на петте национални терестријални телевизии.
-Но, особено спорен дел во предложените измени и дополнувања е пропишувањето дека освен задолжителното реемитување (само) на петте национални терестријални канали, телекомуникациските оператори задолжително да им исплаќаат по претплатник на националните терестријални телевизиите според висина пропишана од страна на Владата, истакнуваат од ИНРЕКОМ.
За Институтот, како што велат, владиното мешање во економско-финансиските односи помеѓу операторите и телевизиите е противуставно – спротивно на членот 55 со што се повредува правото на еднаква положба на субјектите на пазарот. Дополнително, односите помеѓу двете страни се веќе пропишани во повеќе закони, како што се: Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за трговски друштва и за облигациски односи. Од друга страна, дали и во која висина би се плаќало меѓу двете страни, самиот радиодифузен пазар ги регулира односите и цените преку понудата и побарувачката, а единствено судската власт може да се вмеша само доколку настане некаков конфликт.
-Во однос на измените и дополнувањата во делот за операторите и реемитувањето на странските канали, ИНРЕКОМ го поздравува пропишувањето со кој доколку странскиот канал нема обезбедено авторски права, одговорноста ќе биде на самиот канал, а не како што беа предвидени прекршочни одредби врз самите оператори поради незаконско работење на странските радиодифузери, нешто за што ИНРЕКОМ упати жестоки критики за време на корона-кризата и владините уредби со законска сила, порачауваат од ИНРЕКОМ.
Од друга страна, додаваат, гледаме можност за злоупотреби и не гледаме потреба од забрана од две години за реемитување на странски радиодифузер доколку ги има изгубено авторските права и повикуваме да се преиспита во насока доколку радиодифузерот ги обезбеди повторно правата, да има можност повторно да се регистрира, а не да чека да поминат две години.
-Институтот предлага во рамки на овие законски измени и дополнувања, сите засегнати страни да размислат за овозможување самите телекомуникациски оператори да бидат во можност да основаат свои радиодифузни друштва и да имаат свои телевизиски канали, кои би биле претежно тематски, нешто што го има во многу земји, на пример одредени оператори да имаат сопствени спортски, филмски, документарни и други тематски канали, нешто што го има во регионот и во многу европски држави, се посочува во соопштението од ИНРЕКОМ.
Во однос на измените и дополнувањата во делот за јавните кампањи, како што се нагласува, Институтот не е против усвојување на законските измени и дополнувања, но има сериозни забелешки во однос на распределбата на финансиските средства од централната каса, но и особено од буџетите на локалната самоуправа. Според Институтот, предложените измени се дискриминирачки кон сателитските и кабелски телевизии, како и кон регионалните канали.
-За Институтот е неправедно и тенденциозно, процентуалната распределба на висината на средствата, односно 75 отсто да одат кај петте национални терестријални телевизии, а останатите 25 отсто од висината на средствата да се распределат кај сите останати телевизии, без разлика дали станува збор за национална концесија преку јавни електронски комуникациски мрежи, сателитски пренос или пак регионални телевизии, како и радијата на национално и регионално ниво, посочуваат од ИНРЕКОМ.
Предлагаат 60 до 70 отсто од средствата да одат кај телевизиите, а 30 до 40 отсто кај радио станиците, врз основа на договор кој би се постигнал со јавна дебата помеѓу засегнатите страни.
-Средствата што би биле предвидени за телевизиите, би се распределувале врз основа на уделот во гледаноста, без разлика на тоа дали телевизиите се на национално или регионално ниво и дали се терестријални, сателитски или кабелски. Истото го предлагаме и во однос на радио станиците средствата, да се распределат помеѓу сите радио станици без разлика дали се на државно или регионално/локално ниво врз основа на слушаноста, велат од ИНРЕКОМ.
Оставаат можност, доколку засегнатите страни не се согласат со начинот на распределба според гледаноста/слушаноста, да се распределат според вкупните платени давачки и придонеси за претходната година и бројот на вработените.
-За Институтот исто така е нејасно и нелогично зошто кампањата од локално значење би одела на националните телевизии и тоа со 50 отсто од вкупниот предвиден буџетски износ. ИНРЕКОМ препорачува најмалку 80 отсто од средствата да се распределат за телевизиите и радијата на локално/регионално ниво, а останатите 20 отсто доколку е потребно да се прераспределат кај радиодифузерите со национална концесија без разлика на начинот на нивно емитување. Дополнително, доколку се процени дека кампањата од јавен локален интерес нема потреба од рекламирање на националните телевизии или радија, предлагаме 20 отсто од средствата да бидат дополнително распределени помеѓу локалните/регионалните телевизии и радија, велат од ИНРЕКОМ и истакнуваат дека и овие средства треба да се поделат како и кај кампањите на национално ниво.
За нив е дискутабилно и барањето во измените, дозволите на радиодифузерите автоматски да се продолжат со важност за уште три години, бидејќи, како што велат, основна функција на Агенција за медиумски услуги е токму тоа, регулирање на дозволите.
-Доколку се донесе ваквата измена, ИНРЕКОМ не ја гледа потребата од постоење на независниот регулатор и истата таква функција може да биде преземена од Собранието или Владата со што ќе има политичка контрола врз медиумските играчи, порачуваат од ИНРЕКОМ.