Се уште нема конкретни информации кога иницијативата за уставни измени ќе се најде на владина седница и кога би можела да започне собраниската процедура. Разговори меѓу работните групи на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, според премиерот Димитар Ковачевски, се уште нема. Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, пак, замина на разговори во Брисел.
Ковачевски вчера во изјава за медиумите кажа дека се уште нема конкретен датум за владината седница на која ќе бидат ставени на дневен ред уставните измени. Сепак, тој изрази уверување дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучат во носењето на одлуката за уставните измени во текот на наредниот период.
-Нема конкретен датум, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе. Претходно тој исто така кажа дека од она што го кажал во неделата нема ништо ново во однос на евентуални разговори со опозицијата.
Како владина коалиција и СДСМ, рече премиерот, ние имаме многу јасен став земјата да стане членка на НАТО и ЕУ, но и дека оставаат простор кон одлуката за уставни измени да се приклучи и ВМРО-ДПМНЕ.
-Ги започнавме преговорите со ЕУ по 17 години чекање и што се однесува до нашиот став многу е јасно каде оди Северна Македонија а тоа е во полноправно членство во ЕУ. Затоа оставаме простор за прв пат во историјата ВМРО-ДПМНЕ заедно со нивното раководство да се одлучат да бидат дел од носењето на една ваква одлука и продолжување на европската интеграција на државата, кажа премиерот.
Се наврати на поддршката што ја добиваме на тој пат од страна на нашите партнери ЕУ и САД.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека делегација на партијата предводена од претседателот Христијан Мицкоски, а во состав на потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски престојува во дводневна официјална посета на Брисел, при што ќе има средби со голем број високи претставници на ЕУ и ЕПП. Неизвесно е што ќе донесе оваа посета на Мицкоски на Брисел.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски вчера во Брисел изјави дека заедно со претседателот Мицкоски и со потпретседателот Николоски на средбите во европската престолнина ќе кажат дека не прифаќаат уставни промени „под овие околности и под бугарски диктат“.
-Примарна цел е да ги потврдиме позициите на ВМРО-ДПМНЕ кои што се насочени кон заштита на националните интереси и гледањето на евроинтеграцискиот пат низ таа призма, неприфаќањето на уставни промени под овие околности и под бугарски диктат, и нашата оценка дека е потребно македонскиот евроинтеграциски пат да се гледа низ призмата на реалните европски критериуми, рече Муцунски.
Состаноци се предвидени со Симон Морду, главен советник за надворешни работи на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со европратеникот од ЕПП Кристијан Сагарц, известувач во сенка за земјава во Европскиот парламент, со Ангелина Еикхорст – директор за Европа во Службата за надворешни работи на ЕУ, и со Патрик Волер, директор за меѓународни односи на ЕПП.
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари средба и со Манфред Вебер, претседател на ЕПП и претседател на парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент.
Во Европскиот парламент делегацијата ќе има средби и со потпретседателот на Европскиот парламент Рајнер Виланд, по што ќе имаат средба со Дејвид Мекалистер, потпретседател на ЕПП и претседател на Комисијата за надворешна политика на европскиот парламент (АФЕТ), а ќе се сретнат и со Марион Валсман, потпретседателка на Заедничкиот парламентарен комитет на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Можеби одговори за тоа што се случува со иницијативата за уставни измени и кога таа би влегла во Собранието би можеле да се добијат на денешниот брифинг со новинарите на претседателот на Парламентот, Талат Џафери.
И да биде доставена иницијативата за уставни измени во Собранието, ќе има уште 30 дена за првото гласање, според македонската легислатива, период во кој може да продолжат политичките консултации меѓу власта и опозоцијата.