Мицотакис денеска ќе го добие мандатот за формирање Влада и ќе положи свечена заклетва

micotakis
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По вчерашната убедлива победа на Нова демократија на парламентарните избори и освоените 158 пратенички места што обезбедуваат парламентарно мнозинство за формирање Влада, лидерот на партијата Кирјакос Мицотакис денеска ќе положи свечена заклетва и повторно ќе ја преземе премиерската функција, јави дописничката на МИА од Атина.

Првично, претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу ќе се сретне со претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, кој ќе ја информира за распоредот на силите по вчерашните избори, потоа согласно уставните одредби, ќе го прими лидерот на партија победник и ќе му го додели мандатот за формирање Влада.


Два часа подоцна, закажана е и свечената заклетва на Мицотакис во Претседателската палата, со што лидерот на Нова демократија ќе го започне вториот четиригодишен мандат.

Не е исклучена можноста во текот на денешниот ден да биде соопштен и новиот владин состав.

На вчерашните парламентарни избори во Грција, Нова демократија доби 40,56 отсто од гласовите, 22,73 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која освои 17,83 отсто, а ПАСОК е на третата позиција со 11,86 отсто

Комунистичка партија доби 7,67 отсто, потоа следат радикалните десничарски партии: Спартанци со 4,67 отсто, Грчко решение 4,45 проценти и Победа со 3,69 отсто.

На последното место е Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА Зои Константопулу со 3,17 отсто.

Во однос пратеничките места во грчкиот Парламент, од вкупно 300, Нова демократија има 158, СИРИЗА 47, ПАСОК 32 пратеници, Комунистичка партија добива 20, Спартанци имаат 13 пратенички места, Грчко решение 12, Победа десет, а Курс на слободата осум пратеници.

Од десничарските партии, Грчко решение беше дел и од претходниот пратенички состав, додека пак солунската Победа и радикалната десница Спартанци, поддржана од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис прв пат ќе влезат во Парламентот.

Излезноста на парламентарните избори беше 52,78 отсто.

На претходните избори на 21 мај годинава, Нова демократија освои 40,79 отсто од гласовите, СИРИЗА беше втора со 20,07 проценти, ПАСОК освои 11,46 отсто, а во Парламентот место обезбедија пет партии кои го достигнаа неопходниот изборен праг од три отсто за влез.

Нова демократија победата ја прослави со собир, огномет и развиорени партиски и грчки знамиња пред централните канцеларии, а симпатизерите и поддржувачите ги поздрави лидерот Кирјакос Мицотакис, кој порача дека „ќе биде премиер на сите Грци“.

Од друга страна претседателот на СИРИЗА, по изборниот резултат рече дека за нив „се затвори голем и креативен историски циклус“, но и дека до евроизборите следната година, во партијата ќе треба да се направат промени.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK