Делегација на Сојузот на стопански комори (ССК) предводена од претседателот Трајан Ангелоски и потпретседателите Горан Ѓоргиевски и Сашо Дуковски од денеска до 24 јуни учествува на 13. Светски коморски конгрес во Женева, Швајцарија.
Темите кои се дискутираат на Конгресот се осврнуваат на најзначајните актуелни глобални прашања, тргнувајќи од тоа дека меѓународната економија е клучна за унапредување на политичката соработка меѓу државите, а Програмата е дизајнирана со фокус на „Постигнување мир и просперитет преку мултилатерализам“.
-Главните дискусии и дебати ги носат истакнати луѓе од економскиот и општествениот живот, меѓу кои и највисоки претставници на Интернационалната стопанска комора (ICC), Светската трговска организација, бизни организации и институции од целиот свет меѓу кои и Антонио Гутерес, генерален секретар на ОН и Аџеј Банга претседател на Светска банка, кои во глобални рамки имаат важен импакт за креирање на подобри услови за водење на бизнисите. Програмата на Конгресот ја обработува главната тема преку три под теми распоредени во текот на трите дена, мултилатерализам, иновации и одржливост, наведува ССК.
Настанот се организира во Женева поради нејзиното глобално значње, како седиште на 39 меѓународни организации, вклучително и Светската трговска организација, над 400 невладини организации и 931 мултинационална компанија.
-Женева е важен центар за креирање на политики и правила на меѓународно ниво поради што и нуди можности најдобро да се покаже главната теза на конгресот дека мултилатерализмот е патот до заедничкиот просперитет. Горд сум што на ваков настан од највисок ранг имам можност да ја претсавам нашата држава како претседател на Сојузот на стопански комори. Моја должност и задоволство е да работам, со моите колеги, на подобрување на економските услови ширум светот Настанот дава уникатна можност да се искористи меѓународната експертиза во унапредување на локалните состојби, преку можноста да се научи од туѓото искуство, вели Ангелоски.
Тој е и член на Генералниот Совет на Светската коморска федерација и единствен претставник на деловна мрежа од нашиот регион. Светската коморска федерација како тело на Интернационалната стопанска комора е единствен глобален форум кој ги обединува стопанските комори од целиот свет, делува на зајакнување на врските меѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис заедницата во најрелевантните светски организации како ОН, Г20, Светската трговска организација, како и Европската банка за обнова и развој.