Седмиот протест Србија против насилството, покрај Белград, денеска се прошири и се одржа и во Ниш, Крагуевац и Нови Сад, со блокада на сообраќајниците, јави дописникот на МИА од Белград.
Најмасовен протестот беше во Белград, каде десетици илјади граѓани од платото пред Народното собрание се упатија во долга колона, исполнувајќи го централниот булевар Кнез Милош кон автопатот, каде кај „Мостарска петља“ на мосотот Газела беше блокиран автопатот.
Пред Собранието говор одржаа повеќе лица, меѓу кои и студентот Павле Цицвариќ кој кажа дека „студентите нема повеќе да молчат, оти Десанка Максимовиќ и Ј.Ј. Змај заменети се со Змај од Шипово, Јелена Карлеуша и Драган Вучичевиќ“ На крајот на говорите, модератотрот на протестот, Смиљан Бањац ги повтори барањата на протестот и најави дека следниот пат, доколку тие не се исполнат, протести и блокади ќе има уште во 10 градови.
– Или ќе застане насилството или ќе застане Србија, порача тој во името на граѓаните што протестираат.
Пратеникот од редовите на опозицијата, Александар Јовановиќ Чута за Н1 изјави дека „ова е радикализација во смисла на проширување на местата“.
– Во десетина градови веќе се шета, следната недела ќе има уште толку. Србија ќе застане. Ова е создавање на движење, од овчари до академици, чија работа е да го исчистат овој гној и да живеат нормално, изјави тој и додаде дека „од нас сè зависи“.
Барањата на протестот се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги заблудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедносната агенција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.
Проевропската опозиција технички ги организира овие граѓански протести кои започнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево, додека десничарската опозиција ги поддржува и учествува на нив.
Претседателот Александар Вучиќ, попладнево закажа ново обраќање до јавноста за утре наутро, без да најави дали ќе говори за протестите или за ситуацијата со Косово.