Конституиран Советот на општина Пустец, Колефски официјално го почна вториот мандат

pustec
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На свечена седница  денеска е конституиран новиот Совет на општина Пустец, кој произлезе од изборите спроведени на 14 април.

За претседател на Советот беше избран Наум Дамо, вработен во единицата на  Електродистрибуција  во Пустец, од редовите на Социјалистичката партија, која има уште четири советнички места.


Во општинскиот совет кој брои 15 членови,  сите Македонци,  тројца советници се од Македонска алијанса за европска интеграција-МАЕИ, четворица од изборната коалиција” Заедно победување” предводена од Партијата на победата на Илир Мета и по еден советник од Аграрната еколошка партија, Социјалдемократската и Партија за социјална демократија.

Одлучено беше за претставник во Советот на округот Корча да биде советникот  Таќо Гроздани, инаку генерален секретар на МАЕИ, кој беше носител на кандидатската листа на партијата на изборите.

На седницата присустуваше и старо новиот градоначалник, Пали Колефски(43), кој исто така денеска и официјално го почна вториот мандат.

– Посакувам успешна работа на Советот,  ветувам добра соработка  и донесување едногласни одлуки, без оглед на партиската припадност, сето тоа, во интерес на жителите на нашата  општина. Продолжуваме со макотрпна работа, продолжуваме да работиме за општина Пустец да стане уште подобро место за живеење, сето тоа, секако и со поддршка на владата на премиерот Еди Рама,  рече Колефски, кој беше кандидат на Социјалистичката партија,  поддржан од МАЕИ.

На свеченоста присуствуваа Нертил Јоле,  префект на округот Корча, каде територијално потпаѓа општина Пустец, Ана Веруши претседателка на Советот на округот Корча и Васил Стерјовски, лидер на МАЕИ.

Тие им посакаа успешна работа во интерес на сите жители на оваа општина, која  има девет населени места, распослани на брегот на Преспанско Езеро, во кои живеат околу пет илјади Македонци. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK