Градоначалничката на мексиканскиот пограничен град Тихуана изјави дека решила да живее во воена база заради своја безбедност, откако добила закани.
Градоначалничката Монсерат Кабаљеро ја објави одлуката откако потврди дека полицијата во понеделникот пронашла седум мртви тела во еден пикап. Полицијата соопшти дека го пронашла пикапот паркиран на бензинска пумпа во Тихуана со отворена врата. Тело завиткано во ќебе лежело на задното седиште од кабината, додека уште шест тела биле скриени под гумите и дрвените даски.
– Добив закани, па ќе живеам во базата, изјави Кабаљеро.
Локалните медиуми објавија дека воената база се наоѓа на јужниот раб на Тихуана, на околу 8 километри од градското собрание. Кабаљеро не прецизираше од кого се заканите.
Градските власти на Тихуана во соопштението наведоа дека заканите се поврзани со „силното искуство на нејзината администрација во конфискување оружје и апсење осомничени за насилство“.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави дека истите закани биле упатени и кон гувернерот на пограничната држава Долна Калифорнија, поранешниот гувернер и градоначалникот. Лопез Обрадор рече дека одлуката за преселување на градоначалничката во воената база била донесена пред околу две недели, „за да ја заштити“, иако ни тој не даде детали за заканите.
Според федералниот оддел за јавна безбедност, убиствата во Тихуана се зголемени за околу девет отсто во изминатите 12 месеци.
Тихуана има повеќе убиства од кој било друг град во Мексико, со 1.818 убиства во 12-месечниот период кој заврши во мај.