Судската администрација на протест ќе бара повисоки плати

sudska-administracija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Судската администрација бара зголемување на платите и дотадоци не пониски од 25 отсто до донесување на законот за судска служба. Револтот денеска ќе го изразат на едночасовен предупредувачки протест пред Основниот Кривичен суд во Скопје.

Претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчески на денешната прес – конференција во Основниот суд во Охрид рече дека протестот е во организација со Независниот синдикат на државна администрација, а в четврток требало да имаат средба и со претставници на УПОС за заеднички активности за остварување на барањата.


– Со донесувањето на одлуката на Уставниот суд со која се одмрзнаа платите на фунцкионерите и нивното зголемување за 78 отсто, платите на судската администрација останаа на многу ниско ниво. Јазот меѓу платите на судиите и платите на судската администрација се зголеми за повеќе од три пати. Ова ниво никогаш не било вака и никогаш судската администрација немала толку ниски плати во споредба со судиите, забележа Мирчески.

Тој посочи дека судската администрација не добила зголемување на платите од 15 проценти како што било кажувано во јавноста, туку додатоците што ги добивале од 2019 година им биле прелеани во плата, но и оти номиналниот износ бил помал.

Своите барања ги изнеле пред Судскиот буџетски совет, од каде им била ветена поддршка за остварување на правата и дека барањата се оправдани.

– Доставивме барање до Судскиот буџетски совет, кое беше составено од неколку точки, меѓу кои баравме поддршка во изгласување законски одредби кои ќе значат подобра плата за судската служба во иднина, а до донесувањето на тој закон, судските службеници да добиваат додатоци во висина не помала од 25 отсто, појасни Мирчески.

Барањето, додаде, било разгледано на седницата на Судскиот буџетски совет на 7 јуни, кога бил донесен заклучок дека не може да биде прифатено поради немање средства во буџетот.

– Немањето средства било по исплаќање на зголемените плати на судиите и сега немало можност да се зголемат платите на судските административци. Револтот кај судската администрација е многу голем, а тоа ќе се покаже и на денешниот протест, но ние треба да бидеме внимателни бидејќи на штрајкот од пред неколку години на сите што учествуваа им беа скратени 40% од платите. Колку и да се мотивирани тоа има свое влијание, бидејќи судската служба не зема големи плати, па и да им скратите 40 отсто нема да има проблем. Тоа кратење се одрази врз нивниот живот, истакна Мирчески.

Платите на 95 од судските службеници, според него, се пониски од просечната плата на државно ниво, односно се движат од минималната до 36.000 денари. Повисоки плати имале само раководните службеници и судските администратори, додека судиската плата била над 100.000 денари.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK