Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај ги повика лидерите на Албанците да се борат против внатреалбанските делби и раздори и порача дека Албанците како нација треба да се потпрат на нивните стратешки партнери, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во неговото обраќање на манифестацијата по повод 145-та годишнина од Призренската лига, Бегај рече дека иднината на албанската нација „ќе биде сé посветла“ доколку не се заборави минатото и „доколку се пренесат на новите генерации вредностите на домољубието и пријателството“.
– Имаме среќа што нашите претци, освен јазикот и културата, ни ги оставија во наследство и старите пријателства и доверливите стратешки партнери, кај кои можеме да се потпреме во секое време. Не секогаш работите биле лесни, но иднината на нашата нација ќе биде сé посветла доколку се бориме против делбите и раздорите меѓу нас, доколку го зачуваме нашиот морален интегритет и доколку се пренесат на новите генерации вредностите на домољубието и пријателството, вредностите на мирот и единството, изјави Бегај. На манифестацијата во Призрен, на која присуствуваше комплетниот државен врв на Косово, вклучително претседателката Вјоса Османи, собранискиот спикер Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти, Бегај беше највисокиот државен претставник на Република Албанија. Медиумите во Приштина забележуваат дека пораките на Бегај доаѓаат во момент кога косовското раководство, пред сé премиерот Курти, се конфронтира со западните сојузници, односно со САД и Европската унија, но и со албанскиот премиер Еди Рама, во однос на нивните барања и предлози за смирување на состојбата во северно Косово, каде мнозинското српско население пред две недели започна протести против новоизбраните градоначалници Албанци во тамошните четири општини.