Отец Гаврил во родниот Штип се претстави со изложбата „Во мир и тишина – фотографски записи на еден монах“. Штипјани во галеријата „Безистен“ можат да видат вкупно 74 фотографии, кои претежно се амбиенти од Австралија, каде тој е игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, при австралиско-сиднејската православна епархија, но има и такви кои се македонски пејзажи.
-Пред сѐ, сликите се природа, а преку природата се насладуваме и се конектираме со Бог Создателот, а преку Него ги добиваме тие мир и тишина коишто посебно ни се потребни во ова време нам. Преку нив сакам да пратам порака до сите оние кои ќе ја разгледаат изложбата, тој мир и таа тишина да ги примат и тие во своите срца, во своите мисли, во својот живот, вели отец Гаврил. Љубовта кон уметноста му се јавува во манастирот Водоча, но љубовта кон фотографијата се раѓа во новите околности и услови за живеење во Австралија. Уметничкиот сенс го свртува кон фотографијата и со тоа ги поврзува желбата за уметност, љубовта кон природата и богољубието. Ова е втора изложба на фотографии на отец Гаврил, по првата во Струмица, каде се одржа во организација на Фондацијата „Елеуса“.
-Малку е чудно за свештено лице да се бави со фотографија, меѓутоа тоа мене ми е хоби и е израз на мојата желба кон уметноста, мојата страст кон уметноста. Кога бев во Водоча, кога живеев во манастирот, туку почнав со иконопис, меѓутоа кога дојдов во Австралија, условите за иконопис ги немав, па така некако мојата уметност ја насочив кон фотографијата и така се роди желбата, вели отец Гаврил. Станува збор за хуманитарна изложба, во која средствата собрани од продажбата на фотографиите се наменети за хуманитарни цели за помош на деца и возрасни со посебни потреби.