Данијела Гачевиќ на чело на Секретаријатот на ЦЕФТА

cefta
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Црногорската економистка Данијела Гачевиќ ја презеде функцијата вршител на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА и ќе го замени досегашниот прв човек на оваа организација, Емир Џикиќ.

Како што соопштија од ЦЕФТА, со повеќе од 15 години искуство во областа на меѓународната трговија, Гачевиќ носи богата експертиза и докажани резултати во својата нова улога.


– Вршејќи различни функции, таа се здоби со големо знаење и практично искуство во националните, регионалните и меѓународните трговски рамки, а пред да биде именувана на оваа позиција, беше виш советник за олеснување на трговијата во Секретаријатот на ЦЕФТА, се наведува во соопштението.

Гачевиќ дипломирала на Економскиот факултет во Подгорица, каде што магистрирала од областа на меѓународните односи, а своето професионално знаење го надградувала преку бројни специјализирани програми и обуки. Била и советник во Министерството за економија на Црна Гора и учествувала, меѓу другото, и во преговорите за слободна трговија меѓу Подгорица и други земји. За време на нејзината кариера, таа беше дел и од тимот на Светската трговска организација.

Од ЦЕФТА порачуваат дека назначувањето на Гачевиќ претставува сигурен континуитет во унапредувањето и развојот на слободната трговија и зајакнувањето на регионалната економска соработка.

– Остануваме посветени на олеснување на трговијата во регионот на ЦЕФТА и зајакнување на конкурентноста на економиите потписнички на ЦЕФТА. На тој пат драгоцено ќе биде искуството што го поседува новоименуваниот в.д. директор, што, сигурни сме, ќе биде дополнителна движечка сила во напорите на ЦЕФТА за намалување на трговските бариери и создавање нови трговски можности, преку усогласување на трговските политики со стандардите на ЕУ, велат од Секретаријатот на ЦЕФТА.

Гачевиќ ќе биде вршител на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА до изборот на нов директор.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK