Постои идеја на министерот за надворешни работи Бујар Османи за организирање состанок на кој би учествувале трите држави од Јужниот Кавказ – Азербејџан, Ерменија и Грузија, со цел да се размисли околу начините за искористување на можностите за регионална соработка и нормализација на односите меѓу трите земји, вели во екслузивното интервју за МИА специјалниот пратеник на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, Елчин Амирбајов, кој беше во посета на земјава.
Околу можноста во Охрид да се одржи еден од состаноците во рамки на мировните преговори помеѓу Ерменија и Азербејџан, тој вели дека се уште не слушнал за таков предлог, туку за идеја за средба на трите држави од Јужен Кавказ. Амирбајов рече дека една од причините за неговата посета на земјава е да ги информира македонските колеги за моменталната ситуација во однос на безбедноста на регионот на Јужен Кавказ, поконкретно околу тековниот мировен процес помеѓу Баку и Ереван, со оглед на тоа што Северна Македонија оваа година претседава со ОБСЕ, чие членки се двете држави.
Амирбајов нагласува дека мировните преговори меѓу Азербејџан и Ерменија се интензивираа од мај годинава и се надева дека наскоро ќе продолжат. – Мировен договор е на дофат, но за танго треба двајца, додава Амирбајов.
Тој во интервјуто за МИА, кое целосно ќе биде објавено утре со видео материјал, говори и за потенцијалот за економска соработка помеѓу нашата држави и Азербејџан, кој како што нагласува, сè уште не е целосно искористен, иако има многу можности. Тој верува дека треба да има почести контакти, не само помеѓу властите на двете земји, туку и помеѓу бизнис заедниците, преку различни бизнис форуми, а би можеле да бидат интересни и средби на делегации од соодветните министерства.