Завршна консултација за нацрт Стратегијата за правата на лицата со попреченост 2023-2030 со Акциски план се одржала денеска во организација на Националното координативно тело за имплементација на конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост и Министерството за труд и социјална политика.
Како што соопштија од владината прес-служба, на завршната консултација се обратија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, директорот на Германско друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Давид Оберхубер и постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџак. Настанот го модерираше претседавачот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост, Спасе Додевски.
– Националната стратегија за правата на лицата со попреченост за периодот 2023-2030 година е стратешки документ чијашто подготовка се базира на принципот „Ништо за нас без нас“, со целосна вклученост на лицата со попреченост и сите заинтересирани страни преку широки јавни расправи и работилници. Истата опфаќа девет приоритетни области: Пристапност, Еднаквост, Пристап до правда и активно учество во јавниот и политичкиот живот, Пристап до здравствена заштита, Детска, социјална заштита и независно живеење, Право на образование, Вработување и право на работа, Локални инклузивни заедници, Јавна свест и Култура, спорт и рекреација. Мерките во документот се темелат на принципите и препораките од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, истакна Додевски.
После една година инклузивен и транспарентен процес на пишување на оваа национална стратегија, потенцира министерката Тренчевска, денеска веќе ја одржуваме завршната консултација за истата.
– Во креирањето на стратегијата се вклучија голем број на здруженија, голем број претставници на меѓународните организации и агенциите на ООН, и без сите овие партнери и нивната секојдневна заложба немаше да го имаме овој документ. Јас лично ќе се залагам за повеќе буџет за да се имплементира стратегијата, нашата цел не е само успешен процес на подготовка туку и успешна имплементација, рече Тренчевска.
Таа истакна дека целта на Владата е обезбедување на еднакви услови, шанси и можности на сите граѓани без исклучок.
Директорот на Германско друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Давид Оберхубер се осврна на имплементацијата на Националната стратегија.
– Одговорноста за спроведување на оваа стратегија паѓа не само на Владата, туку и на развојните агенции како што е нашата. Мора да работиме заедно со Делегацијата на ЕУ, Швајцарската агенција за развој и соработка, агенциите на Обединетите Нации и сите други засегнати страни за креирање на мерки на сите полиња на проектот. Со тоа ќе придонесеме конкретно за целосна имплементација на оваа стратегија до 2030 година, посочи Оберхубер.
Постојаната координаторка на ОН во земјава, Росана Дуџак говореше за придонесот на агенциите на Обединетите Нации за изработка на стратегијата.
– Анализите на ситуацијата, изработена од УНИЦЕФ, УНДП и УНФПА, беше искористена како основа за развој на новата Стратегија. Првичните консултации и фокус-групи со организации на лица со попреченост, други граѓански организации и владини претставници придонесоа за подобро разбирање на контекстуалните фактори кои влијаат на спроведувањето на стратегијата и на предусловите за вклучување на лицата со попреченост, рече Дуџак.
На завршната консултација, стои во соопштението, биле присутни и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, заменик министерката за здравство, Маја Манолева и заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, претставници на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија и други граѓански организации, членови на Националното координативно тело, претставници на меѓународните организации, претставници на министерства и институции