Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил денеска изјави дека САД сакаат подобри и подлабоки односи со Србија и ја гледаат државата како добар партнер со кој може да соработува.
„Верувам дека Србија сега носи добри одлуки и оди во вистинската насока. Секако дека се уште ќе има тешкотии, но САД ја гледаат Србија како добар партнер со кој може да соработува и со кој ќе биде поблиску во иднина“ изјави Хил во Стопанската комора наСрбија.
Тој рече дека не е тајна оти САД ја поддржуваат Србија на нејзиниот пат кон полноправно членство во Европската унија.
„Не сум тука да зборувам за минатото и тешкотиите, но тука сум да кажам дека иако нашите земји ги дели океан, ние воопшто не сме одвоени. Суштински дел од американската улога овде е да ја поддржиме Србија во нејзините напори да се приклучи на ЕУ. Од суштинско значење е Србија и ЕУ да работат заедно, односно Србија да влезе во Унијата“, рече Хил.
Според него, процесот на пристапување не е воопшто лесен, бидејќи има многу прашања кои треба да се решат.
„САД ја поддржуваат Србија, и помагаат да помине низ тој процес за да стане добра полноправна членка на ЕУ“, рече американскиот амбасадор.