Трамп и официјално обвинет за задржување доверливи документи

tramp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Големата сојузна порота го обвини Доналд Трамп за задржување доверливи владини документи и попречување на правдата, изјавија денеска адвокатот на поранешниот американски претседател и друг упатен извор.

Тоа е прво федерално обвинение во историјата на САД против поранешен претседател.


Обвинението, поднесено од Министерството за правда, претставува уште еден правен предизвик за Трамп, кој сака да се врати во Белата куќа следната година.

Тој неодамна беше обвинет во Њујорк по 34 точки од обвинението за прикривање на вонбрачна врска за време на предизборната кампања и е предмет на истраги во Вашингтон и Атланта кои може да резултираат со кривични обвиненија.

Трамп утринава на социјалните мрежи веќе објави дека во вторник мора да се појави во судница во Мајами.

„Јас сум невин човек“, напиша Трамп на платформата „Вистина“(Truth) .

Портпаролот на специјалниот советник Џек Смит, претставник на Министерството за правда, кој ја водеше истрагата, одби да ја коментира веста бидејќи е незаконски владата јавно да коментира за запечатен случај на големата порота.

Анонимен извор за британските медиуми изјави дека обвинението содржи седум точки, а адвокатот на Трамп, Џим Трасти, за Си-Ен-Ен изјави дека обвиненијата вклучуваат заговор, лажно сведочење, попречување на правдата и незаконско поседување тајни документи според Законот за шпионажа.

Адвокатот очекува до вторник да добие увид во обвинението.

Министерството за правда истражуваше дали Трамп лошо постапил со доверливите документи, откако ја напушти Белата куќа во 2021 година.

Откако го пребарале неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, пред речиси една година, истражителите заплениле околу 13.000 документи, а 100 од нив содржеле доверливи информации што морало да бидат заштитени.

Трамп претходно се бранеше со тврдење дека тие документи повеќе не се доверливи бидејќи тој како претседател ги декласифицирал, но за тоа не понуди никаков доказ.

Трамп беше претседател на САД од 2017 до 2021 година, а е фаворит за републиканската претседателска номинација. Тој тврди дека е жртва на политички мотивиран лов на вештерки и го обвинува Министерството за правда за пристрасност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK