Спасовски: Добрата соработка со земјите од Западен Балкан и партнерите од ЕУ е клуч за успех во регионот

spasovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше обраќање на Третата конференција во рамки на Сараевскиот миграциски дијалог во рамки на министерската сесија на тема „Унапредување на Декларацијата од Скопје за одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан“, што во во организација на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) се одржува во Босна и Херцеговина.

Тој истакна дека трите заложби од Декларацијата од Скопје доведоа до усвојување на Акцискиот план за Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан.


-Eфективното управување со границите и спречувањето на криумчарењето мигранти долж Западно-балканската рута е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Криумчарењето на мигранти и изминатата година беше актуелна закана поради притисокот кој е присутен на границите од илегални преминувања од страна на лица од земјите од Блискиот Исток, Азија и Африка. Поврзаноста помеѓу Источно-медитеранската рута и Западен Балкан е рута од висок ризик, бидејќи Турција и Грција сѐ уште бројат голем број на мигранти на своите територии, рече министерот Спасовски.

Тој додаде дека со цел зајакнување на соработката со земјите на ЕУ, а особено со земјите од регионот во сузбивањето на организирани криминални групи со меѓународен карактер, Министерството за внатрешни работи учествува во Работната група за Западен Балкан, во неколку аналитички работни досиеа на Европол, како и во специјална работна група за сузбивање криумчарање мигранти на Интерпол. Дополнително, рече, оваа година Националната единица е солидер, заедно со Шпанија во оперативна активност за сузбивање криумчарење на кубански и индиски државјани, а учествува и во Оперативните акциски планови на ЕМПАКТ за 2022 и 2023 за криумчарење мигранти.

Говорејќи за „Работењето кон холистички пристап за управување со враќањето“, Спасовски нагласи дека механизмите за одржливо враќање и реинтеграција на лицата во нивните земји на потекло се важни аспекти на управувањето со миграцијата и во исто време области со сериозни предизвици, особено заради неможноста дел од нелегалните мигранти ефикасно да се вратат во нивните земји на потекло.

-Недостатокот на договори за реадмисија потпишани со релевантните земји на потекло, како и неможноста да се утврди нивниот идентитет и по официјален пат да се извршат соодветни проверки со надлежните служби во нивните матични земји останува еден од главните проблеми со кои се соочуваме. Оттука се јавува и потребата за идентификација на нелегалните мигранти како прв и најважен чекор во процесот на враќање кој треба да биде проследен со регистрација за да се има подобар преглед на миграциските движења, рече министерот Спасовски додавајќи дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија прави напори за склучување на договори за реадмисија со земјите на потекло, а врз основа на профилите на нелегални мигранти кои влегуваат во Северна Македонија во изминатите неколку години, приоритетни земји на потекло во контекст на враќањето за властите во земјата се Бангладеш и Пакистан.

Во однос на подигањето на свеста за потпомогнато доброволно враќање како хуман, ефективен и одржлив начин за враќање на нелегалните мигранти, Спасовски изрази увереност дека промоцијата на потпомогнато доброволно враќање и програмите за реинтеграција можат значително да ја зголемат стапката на враќање.

-Од овој аспект, МВР и натаму ќе се залага за развој на капацитети за потпомогнато доброволно враќање и реинтеграција но ќе презема и напори за зајакнување на националните капацитети за подготовка и спроведување на присилно враќање кое не може да биде исклучено како механизам на заштита од нелегалните мигранти, рече Спасовски.

Министерот го истакна и фактот дека добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства со другите колеги од земјите од Западен Балкан и релевантните партнери од ЕУ и други партнерски организации во однос на враќањата и реинтеграцијата се од непроценлива важност и клучот на успехот за целиот регион.

-Затоа, би сакал уште еднаш да ги потврдам овие заложби и да повикам кон нивно интензивирање бидејќи тоа е правилниот пат напред. Големата поддршка која ни се пружа треба максимално да ја искористиме и да ја претвориме во нешто вистинско и опипливо. Верувам дека Акцискиот план е одличен индикатор и почеток за тоа. Ние, како Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија го поздравуваме и поддржуваме усвојувањето на Акцискиот план за одржливо управување со миграцијата и се залагаме за негово унапредување во иднина, истакна министерот Спасовски на Сараевскиот миграциски дијалог.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK