Словенија е меѓу новоизбраните непостојани членки на СБ на ОН
Њујорк, 6 јуни 2023 (МИА) – Генералното собрание на Обединетите нации денеска ги избра Гвајана, Сиера Леоне, Словенија и Јужна Кореја во Советот за безбедност на ОН со мандат од две години, почнувајќи од 1 јануари 2024 година.
Алжир, Гвајана, Сиера Леоне и Јужна Кореја беа примени без противење за место во 15-членото тело одговорно за одржување на меѓународниот мир и безбедност.
– Успеавме! Во 2024 – 2025 година, Словенија ќе биде непостојана членка на СБ на ОН. Во првиот круг добивме поддршка од 153 земји. Денеска е голем ден за Словенија. Словенија активно ќе придонесе за мирот и безбедноста и за интеграцијата на поделениот Совет за безбедност на ОН, напиша словенечкото Министерство за надворешни и европски работи на Твитер.
Петте избрани нации ќе ги заменат Албанија, Бразил, Габон, Гана и Обединетите Арапски Емирати.
Советот за безбедност е единственото тело на ОН кое може да носи правно обврзувачки одлуки како што се воведување санкции и одобрување употреба на сила.
Петте постојани членки со право на вето се Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД.
Гвајана доби 191 глас, Сиера Леоне 188, Алжир 184 гласа, Јужна Кореја 180, додека Словенија освои 153 гласа, победувајќи ја Белорусија која доби 38 гласа.
Белорусија е кандидат од 2007 година, од групата источноевропски земји, додека Словенија влезе во трката во декември 2021 година.