Млазниот приватен авион „Цесна“ што во неделата вечерта неконтролирано прелета над центарот на Вашингтон откако властите на градот поради безбедносни причини повикаа придружба од воената авијација, бил управуван од пилот кој се онесвестил. Ова го забележал пилот на ловецот F-16 кој го следел авионот.
Пилотот на „Цесната“ се онесвестил поради намален притисок во кабината, соопшти денеска Вашингтон пост повикувајќи се на истрагата.
Во авионот се наоѓале уште три лица кои не го преживеале падот. Авионот во неделата полетал од Елизабетон, Тенеси и требало да слета на Лонг ајленд, Њујорк.
Контролата на летање се обидувале да воспостави контакт со леталото во текот на речиси целиот лет, но безуспешно. Авионот, откако го сменил правецот на својата маршрута над Лонг ајленд, продолжил да лета назад на југ уште еден час управуван од автопилот, го надлетал главниот град и се урнал во Монтабело, Вирџинија.
„Цесната“ била регистрирана на компанијата „Енкор моторс“ од Мелбурн, Флорида во сопственост на Џон Рампел. Неговата ќерка Адина Азаријан и двеиполгодишната внука, како и нејзината дадилка, биле во авионот.
Весникот пишува дека воздушниот простор над главниот град е строго контролиран и ниедно летало не смее да лета во радиус од 50 километри без емитување на специјален код, одобрен посебен план на летање и постојан радио контакт со контролата на летање.
Авионот ја надлетал и зоната забранета за летови во радиус од 15 наутички милји околу аеродромот „Роналд Реган“ воведена од 11 септември 2001 година. Шесте ловци F-16 што го следел авионот сепак не го собориле, иако во тој момент прелетал во близина на местото каде претседателот на САД Џо Бајден играл голф (во близина на воената база Ендрјус). Пилотите на F-16 забележале дека пилотот е онесвестен.
Леталото потоа се урнало во планинско место во округот Аугуста на југот од Вирџинија.