Уставниот суд укина дел од член 9 од Правилникот на АВМУ кој ги уредува условите за добивање на дозволи за радио и телевизиско емитување

ustaven
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уставниот суд денеска го укина член 9 став 6 во делот „и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор” од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување („Службен весник на Република Mакедонија” бр.172/2014 и бр.76/2015), опфатен во предметот Реферат У.бр.32/2022.

Целосната одредба донесена од страна на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги гласи: „Како вработени лица, се сметаат лицата во редовен работен однос со полно работно време кај радиодифузерот и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор“.


Во овој случај Советот на АВМУ, како што информираат од Уставниот суд, ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на начин што во оспорената одредба предвидел нова категорија „лица ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор”, која всушност не влегува во категоријата на вработени лица, што претставува уставна предиспозиција и која како таква воопшто не егзистира во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,  ниту пак во  Законот за работните односи.

Според Уставниот суд, Советот на АВМУ впуштајќи се во операционализација на одредбите од Законот за работните односи и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, даденото овластување од член 62 став 6 од Законот, во кој меѓу другото е предвидено и да ги разработи и кадровските услови, го употребил во насока на изворно уредување на прашања кои не се негова надлежност и е во спротивност со закон.

Судот оцени дека Советот на Агенцијата не може да уредува законска материја, туку може само да  операционализира и доуредува одредени законски одредби, а со оспорениот дел од член 9 став 6 од Правилникот, Советот на Агенцијата фактички уредува односи кои се надвор од Законот за работните односи, со тоа што покрај одредбите  од Законот за работните односи, се повредува и член 22  став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медимумски услуги.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK