Еднакви можности за сите, поддршка, соработка, економско јакнење и поволна регулатива се дел од заклучоците на настанот „Родово еднакво општество, услов за остварување на нашите соништа“ во организација на Министерството за труд и социјална политика.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, кога зборуваме за родовата еднаквост, зборуваме за еднаквите можности, правата и пристапот до ресурсите на сите.
– Зборуваме за превенирање на насилството, за економско јакнење на жените и почитување на човековите права на секој еден граѓанин, рече таа.
Тренчевска истакна неколку можности што ги нуди Министерството за вклучување на младите во општеството и ја посочи Истанбулската конвенција како важна во заложбата за родовата еднаквост.
– Кога зборуваме за Истанбулската конвенција зборуваме за добри резултати и подготвеност на државата и сите чинители во општеството да работат на политики и мерки со кои ќе се превенира насилството, а со тоа ќе се овозможи еднаквост на мажите и жените, посочи таа.
Новиот предлог за Закон за работни односи кој опфаќа работа од дома и работа од далечина, го издвои како нешто што ги привлекува младите и се важна придобивка за работниот процес.
Претседателката на Македонската асоцијација за е-трговија, Нина Ангеловска, на настанот ги сподели своите почетоци со „Групер“ и истакна дека клучот за успех е да се работи она што се сака.
Ангеловска посочи дека на почетоците од својата кариера не била родово дискриминирана, но, како што рече „сѐ уште живееме во машки свет“
– Поривот да придонесам и на тоа поле ме натера да ја основаме Алијансата за родова еднаквост на работно место, тоа е нова асоцијација која се стреми да придонесе кон еднаквост на работното место, рече таа.
Според неа, за жена да успее треба многу повеќе да се труди, а тоа што нѐ прави различни не е полот, туку знаењето.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, сподели статистички податоци за Општината, при што истакна дека најголем дел од раководителите на секторите се жени. Според него, до родова еднаквост се стигнува единствено преку дела и активности за препознавање и промоција, преку обезбедување еднакви можности за сите.
– Само преку примери, можеме да ги научиме младите кои се вистинските вредности, рече тој.
Герасимовски смета дека образованието на оваа тема е многу важно и во него мора да се инвестира. Тој ја истакна и работата на Комисијата за еднакви можности при Општината, каде има активности за промоција на родовиот баланс.
– Само заедно и еднакви можеме да придонесеме кон подобро општество и подобри услови за секој еден од нас, рече тој.
Сара Миленковска, младинска активистка, која е дел од менторска мрежа „Стела“ што дава можност за професионален развој на жените, особено во руралните средини, смета дека родовата еднаквост е за сите.
– Заеднички мора ги менуваме работите, особено што сите учествуваме во продукцијата на нееднаквоста и насилството, рече таа.
Според неа, недостасува простор за дискусија каде што младите ќе можат отворено да ги кажат своите проблеми и да создадат платформа каде што може да се изнајдат механизми и начини за поддршка. Таа вели дека е важно да се тргне од себе, но, исто така, се важни и системските промени.
На настанот се одржа и дискусија со младите кои што беа присутни во Младинскиот културен центар.