Во Секторот за внатрешни работи-Штип од денеска Министерството за внатрешни работи го стартуваше проектот „Отворен Кабинет” на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Преку серија на посети во кои ќе бидат опфатени сите Сектори за внатрешни работи низ државата, со прием на странки од страна на министерот Спасовски, a во рамки на веќе утврдениот концепт „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, намерата е на непосреден начин да бидат слушнати предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат.
Министерот Спасовски истакна дека целта е да се слушне мислењето на секој еден граѓанин, како полицијата да придонесе за поголемо спокојство на секој поединец, бидејќи, вели, ние сме тука токму за граѓаните, но и да се запознаам со реализираните активности од почетокот на годината досега, како и со постигнатите резултати.
– На тој начин, да направиме еден сублимат на сѐ што е постигнато, но и да ги зацртаме целите за следниот период, истакна министерот Спасовски на денешниот, воедно и прв „Отворен Кабинет”, кој започна во СВР Штип.
Спасовски утрово оствари средба со раководството на СВР Штип, при што беше запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Штип, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои ги презема СВР Штип во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните.
-Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Штип е поволна и на задоволително ниво, што е особено важно за граѓаните од овој дел, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата. Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Штип во изминатите пет месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 18 проценти, додека процентот на расчистени кривични дела изнесува високи 69 проценти. Во делот на тешките кражби и кражбите, кои се еден од приоритетите на СВР Штип во текот на 2023 година, бележиме намалување на овој вид пријавени кривични дела за 20 проценти, споредбено со истиот период лани, потенцира Спасовски.
Во преземените мерки од областа на недозволената трговија со дрога од страна на СВР Штип во текот на 2023 година тој ја спомена сузбиената организирана криминална група која вршела препродажба на наркотични дроги марихуана, кокаин и амфетамини на подрачјето на Штип, Кочани, Виница и Берово. Во акцијата биле извршени осум претреси и тоа на подрачјето на Кочани, при што се запленети околу 10 килограми марихуана и други предмети поврзани со продажба на дрога, а седум лица, меѓу кои и полициски службеник, се лишени од слобода, на дел им е одредена мерка притвор и поднесени се соодветни кривични пријави.
– Во намалувањето на имотните деликти голем придонес имаат и превентивните активности за што од страна на СВР Штип во првите пет месеци во текот на 2023 година реализирани се 904 настани за превенција”, рече министерот Спасовски, со уверување дека вработените во СВР Штип и во наредниот период ќе продолжат со зголемена динамика при реализацијата на превентивните активности, но и на репресивните мерки, а средбите со граѓаните во рамки на проектот „Отворен Кабинет“ ќе бидат мотив повеќе за уште подобри резултати и силно продолжување на концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, вели Спасовски.